од медиум

Прашања за нашата дневна доза патриотски микс - бомба 18

Tags: 

Целта на СДСМ со бомбите не е да кажат само што правеле ВМРО, туку и дека тие тоа не би го правеле (или нема да го прават) кога би биле на нивно место. Тоа беше една од клучните поенти на говорот на Радмила Шеќеринска во Универзална сала на 10.3.2015 г.:

Не ја бараме поддршката за еден Сашо или Никола да се смени со друг. Ја бараме поддршката за да ја преземеме одговорноста и работите да се сменат.

Во таа смисла експлоатирањето на прашањето за автентично толкување на Законот за амнестија е чуден политички потег. СДСМ го обвинува Груевски за „лажен патроитизам“? Зошто? Зарем лажен партиотизам е кривично дело? Дополнително и многу важно, ВМРОвците речиси сигурно нема да му замерат на Груевски за ова, затоа што се добро истренирани да знаат дека ако не беше донесено ова толкување, СДСМ ќе се вратеше на власт. Ова е објаснето со анализа на несмасните и непринципиелни PR активности на двете партии во 2011 г. За кого тогаш е наменето разоткривањето на „лажен патроитизам“? Дали СДСМ ветува нов законско решение за овие случаи, како што ветува слобода на медиуми и промена на правилата за законите за комуникации? Дали договор за тоа е постигнат со очекуваниот коалициски партнер ДУИ?

Понатаму, веќе се знае дека автентичното толкување е чист политички потег и веројатно е да се очекува дека истиот потег би го направила било која Македонска влада, па дури и таква која би ги вклучувала СДСМ. Имено постои и телеграма објавена на Wikileaks каде може да се прочита дека СДСМ калкулирале на оваа тема пред изборите во 2006 година:

Prime Minister Buckovski told the EU Special Representative on February 10 that the government’s decision to ask for the cases “by the end of this year” was deliberately ambiguous. Ethnic Macedonians would understand that the cases finally were coming back for possible prosecution, answering past criticism that only ethnic Macedonians — such as former Interior Minister Boskovski, currently facing a war crimes trial in The Hague — had been called to account for their participation in the 2001 conflict. DUI would receive some satisfaction from the private knowledge that the first of the cases would probably not be returned until late 2006, and that the primary defendant in that case likely would be former NLA commander Daut Rexhepi (also known as Commander Leka), who is currently associated with rival ethnic Albanian party DPA.

За потсетување, случаите во Хаг ги прати Владата на широката коалиција десет дена пред изборите во 2002 година и со тоа дефакто да го одложи постапувањето по нив за најмалку 4 години. Исто така постои и телеграма објавена на Wikileaks каде може да се прочита дека Груевски не му било сеедно што ова прашање му останало на маса:

Gruevski replied that he understood the point, but he is in a delicate position politically. He would have no problem if the Chief Prosecutor or the courts ruled that the amnesty law indeed applies and the cases are dropped, but he believes he cannot take a stand on the issue other than to let the cases proceed. He is concerned that the main ethnic-Albanian parties, DPA and DUI, may soon introduce a measure asking parliament to take a stand on the issue. While he understood that his coalition deal with DUI could be on the line, he told us that he cannot go along with criticizing the prosecutions and then face the ethnic-Macedonian community, especially because the ICTY recently convicted ethnic-Macedonian former MoI official Johan Tarculovski of war crimes.

На крај, бомбата му оди целосно во прилог на Али Ахмети. Ако тој е доволно силен успешно да преговара за нешто вакво (а очигледно бил), тогаш Албанците уште повеќе ќе го сакаат. Сето ова е наспроти најавите за бомбите дека нема да се поштеди криминалот кај никого, па вклучувајќи ги и Албанските партии. Оттука нема некое логично објаснување зошто СДСМ ја пука оваа бомба…? Што е целта? Зајакнување на позициите на ДУИ? Меѓуетничко растревожување?

Во кратки црти, СДСМ нема поинакво принципиелно ниту правно стојалиште во врска со ова прашање, објавувањето нема да предизвика гнев кај ВМРОвците затоа што тие веќе знаат дека тоа е помало зло и конечно, ова нема да придонесе никако за помирување на двете заедници.

Потоа ги имаме медиумите. Призма пишува:

Случаите „Водство на ОНА“, „Непроштено“, „Мавровски работници“ и „Липковска брана“ беа процесуирани во Меѓународниот суд на правдата во Хаг, но во 2008 година тие беа вратени во надлежност на македонските судови.

Што значи „процесурирани“? Телеграмата од Американската амбасада е многу попрецизна:

ICTY agreed to review the cases in 2002, but the tribunal declined to prosecute — or even investigate — and returned the files to Macedonia.

Новинарскиот напис пишува за разговорите објавени од страна СДСМ дека се „наводно помеѓу министрите“, но не пишува никаде дека станува збор за „наводни воени злосторства“. За жал, настаните во законска смисла се наводни сѐ додека Суд не каже поинаку. Меѓународниот суд во Хаг не покренал ни истрага за овие случаи. Кој ја сноси одговорноста во Македонската политика за ова одлагање? Што ако во годините додека тие случаи седеле во фиока во Хаг, во Македонија на терен се уништувале докази?

Да се вратиме на законите. Автентичното толкување веројатно е правно нерелевантно. Ако тоа е спротивно на меѓународното право (UN Convention on the Non-Applicability of Statutory Limitations to War Crimes и други конвенции ратификувани во Република Македонија), а меѓународните договори кога ќе се ратификуваат имаат приоритет над домашните закони, тогаш некој следен јавен обвинител може да рече дека ова автентично толкување е ништовно и одново да ги отвори предметите. За ваков расплет веројатно постојат многу инструменти, вклучувајќи и нови законски текстови што некој иден парламентарен состав би го изгласал. Дали имаме ветување дека тоа ќе се случи?

Но, и да се потсетиме дека пред толкувањето од Собрание, Македонскиот правосуден систем почна да ги работи еден од овие случаи. Што ако виделе дека нема каде да се стигне со овие случаи? Јавните коментари, препораките и барањата на организации како Amnesty International, се дека треба да има судска завршница, но тоа не значи дека нужно ќе има *позитивна судска завршница за жртвите*:

Macedonia’s international obligations are to thoroughly and impartially investigate all cases returned from the ICTY and, if there is sufficient admissible evidence, to ensure that all those allegedly responsible for violations of international humanitarian law are brought to justice.

Така што, кога веќе го имаме мислењето (Wikileaks телеграма погоре) на експертите на OSCE дека од тоа што го виделе Република Македонија нема ни доволно докази, ни доволно добри јавни обвинители и судии (и покрај многу одржани обуки) да ги работи случаите:

Additionally, OSCE has official observer status and has had the opportunity to review the files. Their experts here characterize the evidence they have seen as relatively scanty and the prosecutors and judges as apparently unprepared, despite being trained.

како и тоа дека Македонските претставници во власта, поточно јавниот обвинител, признале дека немаат доволно докази:

Protoger added that the Chief Prosecutor told him that it appears that there is solid evidence against only four of the 19 defendants in the Mavrovo case, and Xhemaili is not one of them. (Which begs the question why the other 15 are being tried at all.)

тогаш нели е подобро за целото општество да се заборави ова и да се залечат раните на овој начин, отколку да се оди на суд и жртвите да изгубат, а нивните наводни мачители да прогласат судска победа?

Помислете на ова за момент. Што ако имаме целосна судска постапка по која има правосилна пресуда дека лицата обвинети не се виновни? Каков ефект ќе има тоа тогаш во општеството? Најлесно да зборуваме како законот за овие случаи не се применил и дека со тоа Македонија е надвор од меѓународните правни норми, но дали во конкретниов случај има и нешто друго што треба да се земе предвид? Возможно ли е воопшто во етнички поделена држава каде што малцинството во континуитет нема доверба во судскиот систем, а мнозинството дури и смета дека не треба да се протестира за судските одлуки (како пример за тоа е случајот „Монструм“), да се има судење налик на ова што се пика под тепих?

Дополнително, судењето треба да се случува во околности во кои, видно од другите протечени разговори презентирани во бомбите на СДСМ, „судството е корумпирано и неспособно“. Зошто би имале судовите способност да судат комплицирани воени случаи, кога не можат да расчистат релативно полесни случаи за корупција? Или пак, кога веќе судовите се „на Мијалков и фамилијата“ дали би барале од ВМРО да ги отворат постапките во Суд и таму да донесат „политички поволни“ пресуди?

Што ако со оваа одлука, покрај политичката прагма за одржување на коалицијата, ВМРО и Груевски заштедиле време, пари, нерви и сѐ друго што што ќе трпеле семејствата на жртвите? Дали со овој потег тие всушност понудиле помирување и ја покажале желбата за простување кај Македонците, наместо да раскопуваат рани? Дали од веројатни правни губитници кај кои би се развил нов гнев создале од Македонците политички победници со помирувачка волја? Ова се незгодни прашања на кои што објавена содржина како бомба број 18 не дава одговор и кои што веројатно и во иднина ќе ги премолчуваме.

Можеби сепак оваа бомба е само за да се охрабрат ДУИ. Директно од САД. Да се надеваме дека не е за меѓуетнички тензии.

ВМРО промовира нова нормалност, а СДСМ прифаќа

Tags: 

Уште во февруари пишував за тоа дека многу нешта зависат од СДСМ на Заев. Посебно тоа се однесува на објавувањето на материјалите за кои се тврди дека потекнуваат од Републичкото МВР. Од тогаш до денес поминаа 20-тина прес-конференции со нови и нови материјали, но речиси ништо не се смени во политичката ситуација во земјата. Две поенти треба да се истакнат сега кога е за очекување дека ќе одиме на некаква „бомбашка“ пауза поради празниците што доаѓаат.

Прво, во врска со изјавата на Зоран Заев. Тој е цитиран дека изјавил:

„Формирав посебни тимови кои ги читаат и анализираат сите разговори и пораки од прислушуваните разговори.“

Ова е страшно опасна ситуација, ако е вистина. Тоа значи дека до сите разговори (се сеќавате, тие разговори се однесуваат на преку 20.000 македонски граѓани од кои сигурно добар дел не се ни политичари) имаат пристап тимови на луѓе од СДСМ кои слушаат и анализираат. Нема информација кои се тие луѓе, дали се обучени да го прават тоа, дали имаат познавања од правото што е релевантно за темата и кои гаранции постојат за тоа дека ова слушање нема да се претвори во своевиден „loveint“, како она кога вработените на NSA ги следеле своите љубовници или потенцијални кандидати/тки. Мислам дека не е невозможно да се замисли пример во кој некој член на тимот за анализа слуша љубовен разговор на некој бизнисмен и потоа го користи тој за своја лична користи. Додуша, ако изјавата на Заев е вистина, љубовните маки на тој бизнисмен се најмалиот наш проблем.

Второ, ВМРО успешно ја вози приказната дека Македонија е супер земја: слободна, демократска и така натаму. Еден од клучните аргументи во оваа приказна е тоа што осомничен за државен удар може да држи 20-тина прес-конференции и да изнесува разно-разни работи што се однесуваат на високи функционери на државата без притоа да трпи некакви последици. Имено, како што би рекле во ВМРО, во Кина или Северна Кореја, тоа не би било возможно. Со ова ВМРО промовира нова нормалност, а СДСМ ја прифаќа. За чудење се разбира не е тоа што ВМРО промовира постојана криза на политичкиот систем како нормално функционирање на Републиката, туку тоа што СДСМ ја прифаќа таа игра. Тоа е игра која се сведува на: не можеш да одржиш толку прес-конференции онолку пати колку што ние можеме да кажеме дека има слободни медиуми и демократија.

Во ваква ситуација не останува многу освен да се надеваме дека предлозите за „дружината на јавниот интерес“ (1, 2) ќе допрат до СДСМ: дека ќе најдат начин да ја прошират нивната политичка активност и дека снимките ќе им ги остават на експертите. Алтернативата е таа што и сега ја живееме: војна на прес-конференции и партиски настани во една постојана трка пред избори што може, ама не мора да се случат.

Груевски по патот на Мечијар, наместо Заев по патот на Ѓинѓиќ

Tags: 

За споредбите за расплет на Македонската политичка криза

Критиките кои што го споредуваат Груевски со Милошевиќ или Чаушеску се песимистички. Не затоа што таквите споредби немаат смисла, туку затоа што тоа што следеше во Србија и Романија по овие двајца не е пат кој што е пријатен за одење. Океј — не знам многу за Романија, иако често за нив се вели дека не се многу различни од нашево балканско милје, но Србија дефинитивно е заебан пат: од убиство на премиер, до кревање на популарност на радикална партија, во нешто што го нарекуваат пост-демократско општество и Белград на вода. Па дури можеби во ова сме пред Србите.

Нејсе, доста песимизам. Некаде во 2010–2011 слушав предавање од тогашниот (не знам дали е сѐ уште) амбасадор на Р. Словачка во Р. Македонија — Д-р Роберт Кирнаг. Тоа беше класично предавање за ЕУ интеграции преку искуството на Словачка во кое што амбасадорот кажа неколку зборови за тоа дека Словачка немало да стигне таму каде што е ако општеството не се справело со Владимир Мечијар. Тогаш не знав кој е Мечијар и не се сеќавам кога за прв пат отворив Википедија за да прочитам. Како и да е Мечијар е оптимистичката верзија за тоа што по Груевски. Се разбира, никакво сценарио не може да се пресликува целосно од едно на друго место и, се разбира, Словачка денес не е место без проблеми, но да видиме што може да се извлече како поука.

Мечијар бил премиер на Словачка што од Западот бил обвинуван автократско владеење, непочитување на демократијта, употреба на државните медиуми за пропаганда, корупција, проблематична приватизација и употреба на тајните служби на Словачка за киднапирање на синот на претседателот на државата. (Прочитајте ја статијата на Википедија во целост.)

Неговата Народна партија — движење за демократска Словачка била постојано популарна. Формирана како националистичка, конзервативна и против приватизацијата, била популистичка и со променлива идеологија. На изборите во 1998 кога започнал крајот на Мечијар партијата победила со 27% од гласовите, но никој друг не сакал да коалицира со нив и така нивниот крај на политичката сцена почнал да се наѕира.


Успех на парламентарни избори на партијата на Мечијар (извор: Википедија)

Следејќи го примерот на Словачка мислам дека Македонските политичари треба да одлучат да му стават крај на ВМРО, дури и ако граѓаните (слично како во Словачка) решаваат да гласаат за него уште некое време. Мислам дека ова е помалку радикален расплет од оној со Србија по Милошевиќ со кој многу полесно и почесто се лицитира од сите страни.

Предизвикот треба да дојде од лево така што СДСМ на Зоран Заев ќе престане да мантра дека ВМРО ѝ треба на Македонија. Но, предизвик треба да дојде од десно каде што ќе се формира партија која што ќе ги промовира десните економски политики и конзервативните општествени вредности, но која што ќе стои далеку, далеку од „вечната идеја на ВМРО за Македонското национално обединување“. Овој предизвик очигледно нема да дојде од „Амстердамската тројка“, што медиумите со радост ја пречекаа, која што има намера да го спасува ВМРО од Груевски. Напротив Димитров треба да биде парафразиран од некој друг од десницата — едноставно: треба да дозволиме и да се осигураме дека ВМРО ќе стане и остане најголем срам на Македонија.

Објавено на ОКНО, 23.3.2015: http://okno.mk/node/45672

Дистрибуирана наспроти целосна корупција

Tags: 

Зошто мислам дека целосната корупција е проблем само за мал број на луѓе

Постои една комична анегдота од судскиот систем на САД која што ја прикажува суштината на идејата за владеење на правото:

On Feb. 18, 1986, frustrated that heavy rains had prevented some jurors from reaching his court, U.S. District Court Judge Samuel King said, “I hereby order that it cease raining by Tuesday. Let’s see how that works.”

California immediately entered five years of severe drought, with strict water rationing.

When colleagues reminded King of his order in 1991, he said, “I hereby rescind my order of February 18, 1986, and order that rain shall fall in California beginning February 27, 1991.” Later that day the state received 4 inches of rain, the heaviest storm in a decade, and two further storms added another 3 inches.

In a letter to a local newspaper, King said this was “proof positive that we are a nation governed by laws.”

Идеалот што го имаат САД и нејзините граѓани за нивниот судски систем е важен. Се разбира тој идеал секогаш не се пресликува во реалноста, но се појавува постојано во популарната култура, во филмови и серии, во книги што зборуваат независноста на судството итн.

Но, идеалот што го имаат САД и нејзините граѓани за нивниот судски систем не се пресликува во Македонија. Истражувањата на јавното мислење велат дека мнозинството Македонски граѓани мислат дека постои широко распространета корупција.

Анегдотите од секојдневието кај нас не вклучуваат приказни како онаа погоре. Од „мала пажња“ преку „мотивирање на службениците“ до сето она што го слушаме на снимките кои ги објавува Зоран Заев се соочуваме со корупција за која воглавно, како мнозинство граѓани, сметаме дека е нормална. Се разбира, има луѓе што мислат дека тоа е неприфатливо, но тие барем според податоците се во малцинство.

Затоа сакам да предложам една идеја за да го разбереме доминантниот светоглед во јавноста: додека малкумина мислиме дека целосната корупција што ја слушаме е недозволива, многумина мислат дека проблемот е само во тоа што корупцијата е централизирана или монополизирана, наместо дистрибуирана — како порано.

Лоренс Лесиг едноставно ја објаснува корупцијата: тоа е кога нештата се зависни од нешто што не би требало да бидат зависни. Или со други зборови нештата се независни односно без корупција само кога се зависни од тоа што треба да бидат зависни. Ми се чини дека кога постои дистрибуирана корупција, и со нашата склоност да ја прифаќаме, ние сме поподготвени да се справиме со неа. Ти можеш да најдеш врска, но и јас можам, ти ќе платиш, јас ќе платам повеќе и така натаму. Но, кога таа ќе се централизира тогаш конкуренцијата исчезнува. Сите не можат да бидат 100% посветени на групата ја централизира корупцијата и тука за прв пат се појавува нашиот проблем — не со корупцијата, туку само со нејзината дистрибуција.

Почнувајќи од конференциите за печат на опозицијата каде што се зборува дека целата држава е заложник на само неколку луѓе, па до секојдневните коментари дека сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ не е право ВМРО, т.е. тоа се некои кои го киднапирале него - мислам дека во сето тоа штом се загребе под површината може да се прочита оваа мнозинска загриженост за степенот на централизација на мрежите на подароци и услуги кои кај нас функционираат на месото на оние за мерки и проверки.

Сето ова конечно кулминира во стравот дека СДСМ се исто толку лоши како и ВМРО — ако не и повеќе. Години на пропаганда сигурно го имаат својот удел во ова, но мислам и дека надежите повеќе се дека по 9 години ВМРО може и да попушти и да се врати на старото — дистрибуирано: „крадеше, ама имаше за сите“, додека на СДСМ би му требале уште цели 9 да дојде до таа точка.

Ова мислам дека е тажната состојба на нештата со која или од која се плаши мнозинството кое се држи до девизата „сите се исти“.

Црвениот телефон и статус-квото во Готам

Tags: 

Што всушност сака да ни каже Телма?

Пред повеќе од две години пишував за суперхероите и новинарството:

Она против што суперхероите се борат со своите ласерски очи и пајакови мрежи е истото за кое новинарите мора да пишуваат без страв. Според Џенифер Робинсон, новинарството е професија која е посветена на транспарентноста, вистината и отчетноста, и професија која треба да ги руши корумпираните влади, да зборува за неправдата и нееднаквоста и да им даде глас на безгласните.

Денес дознав дека трескањето на црвениот телефон било кампања.

Имала ли поп-култура повторно влијание во тоа како е смислена оваа кампања?

Најпознатиот црвен телефон е телефонот на кој одговара Бетмен кога му е потребен на Готам.

Што ни кажува црвениот телефон?

1. Во контекст на вообичаеното читање дека Бетмен е супер-херој кој што треба да го спасува градот од криминалците, некревањето на црвениот телефон би значело дека супер-херојот одбива да одговори на повикот за помош што му е потребна на градот и неговите жители.

Ако новинарите се супер-херои што треба да зборуваат на место на немоќните, тогаш одбивањето на кревањето на слушалката е знак дека новинарите ја одбиваат улогата за луѓе кои ја зборуваат вистината во лицето на моќта.

Во контекст на македонскиот пејсаж на неслободни медиуми (117 место според индексот на Репортери без граници за 2015 година), со некревањето на телефонот нашите присакувани супер-херои всушност кажуваат дека сѐ уште не се спремни да ја заземат оваа општествена улога.

2. Во контекст на читањето што го нудат Падник и Жижек каде Бетмен е плутократот кој го поседува Готам и оттука само си ги штити своите интереси кога се бори против тие што сакаат нешто поинаку (нешто против статус-квото), некревањето на црвениот телефон би значело дека супер-херојот сменил страни.

Ако Бетмен не истрчува (како и секогаш до сега) да им помогне на богатите кои по секоја цена сакаат да го одбранат својот статус и привилегија, тогаш нешто поинаку се случува.

Во контекст на случувањата во земјава, тоа би значело дека Телма понатаму одбива да одговара на повиците на власта. Ако е така, тогаш конечно браво, но останува горчината дека до сега црвениот телефон функционирал за власта.

На крај, можеби нема ништо толку елаборирано во кампањата со црвениот телефон, па и кој да ја смислувал сакал само да направи лесна поента.

Сепак, не штети да прашаме што всушност сака да ни каже Телма?

Корупцијата на Републиката е огромна

Tags: 

Злосторничкото здружување за кое зборува опозицијата е само дел од комплетната корупција на Републиката

Вчерашната (бомба #5) прес-конференција на Зоран Заев ми го привлече вниманието кога тој на новинарско прашање одговори дека операторите не се одговорни за ова што се случува со неовластеното прислушување.

Нормално, се заинтересирав за ова прашање и еве што открив.

Продолжената рака за неконтролирано следење на следење на комуникациите е пуштена во јуни 2010 година. За тоа предупредувале пратеници на СДСМ и известувале странски медиуми, Ваквите одредби (конкретно член 115 од Законот за електронски комуникации („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2005, 14/2007, 55/2007, 98/2008 и 83/2010, 13/2012, 59/2012, 123/2012, 23/2013), одете на pravo.org.mk за детали) се поништени со одлука на Уставен суд во декември 2010 година.

Прашањето што се поставува е што се случило со спроведениот вод до МВР што операторите морале да го постават кога стапил на сила тој член 115?


Опремата што оперторите морале да ја имаат во период од јуни 2010 до декември 2010 според одредбите на Законот за електронски комуникации што тогаш бил на сила.

Ако тоа што го вели до сега Зоран Заев е вистина, односно неовластено прислушувани се преку 20.000 граѓани, во долги периоди, а тоа не може да се прави со комбиња или подвижни базни станици, како што вели Петар Поповски, а сето тоа е во период што е од 2011 до 2014 година, тогаш може да се заклучи дека овој вод не е прекинат.

Не успеав да најдам дали неспроведување на одлука на Уставен суд е некаков прекршок што е казнив. Сепак, согласно истиот Закон за електронски комуникации, операторите што што овозможуваат незаконско пренесување и пренасочување на комуникациите и податоците (член 111/став 2) и со тоа ја нарушуваат доверливоста на комуникациите (член 111/став 3) прават прекршок казнив според член 138/став 16 и член 139/став 30. Казните се во проценти од нивните приходи.

Идеално, надзорниот орган за телекомуникациски прашања требало да ги казни операторите кога би утврдил дека ова прекршување постои. Сега тоа повеќе не може да се стори, за најголемиот дел од периодот 2011–2014, затоа што друг закон, Законот за прекршоците јасно вели дека „Прекршочната постапка не може да се поведе ниту да се води ако помине една година од денот кога е сторен прекршокот.“ (член 42/став 1 — Службен весник на РМ бр 62/06).

Затоа велам дека корупцијата на Републиката е поголема од она што веројатно можеме да замислиме. Погледнато наназад изгледа дека за сите овие активности постоел широк консензус, ако не за поддржување, тогаш секако за непостапување тие активности да се спречат. Одговорност, прво морална, треба да понесат сите директори на операторите, директорите на АЕК, надлежните инспектори итн. За инспекторите и други што не спровеле надзор можеби може да има и нешто во врска со злоупотреба на службена должност.

Понатаму, одговорност мора да понесат и судиите на Уставен суд. Со одлука на Уставен суд во 2010 година е поништен членот 115 од Законот за електронски комуникации. Но, во февруари 2014 година изгласан е нов Закон за електронски комуникации (Службен весник на РМ бр. 39/2014) кој што во неговиот член 175 има идентични одредби за комуникациски водови.


Член 175 од Законот за електронски комуникации од 2014 година.

Прашањето, логично, е: Ако тие водови не биле уставни во 2010, како се уставни во 2014? Уставниот суд молчи во врска со овој Закон цела една година, иако по неговиот деловодник (член 9 и 14) има обврска да поведува иницијативи за проверка на уставност и законитост на законите. (Јас ќе го потсетам Уставниот суд за ова обврска со поднесок во понеделник.)

На крај, последниот воз за прекршочна постапка за операторите е во понеделник 2 март 2015. Новиот Закон за електронски комуникации е на сила од 3.3.2014 година. Значи, водовите до МВР се законски од тој датум. Но, водовите не биле законски на 2.3.2014, а во понеделник истекува едната година за поведување на прекршочна постапка. Дали и за ова ќе го видиме комплетното лице на корумпираната Република или пак ќе видиме поведување прекршочна постапка? Одговорот останува да лебди во нашите кошмари.

Корупцијата, не Републиката.

Дополнето: Согласно член 377 став 2, 3 и 6 од кривичниот законик, правните лица оператори и одговорните лица во операторите може да одговараат за неизвршување на судската одлука на Уставниот суд

Оттука, може да се поднесе кривична пријава против операторите и нивните директори за основано сомневање дека не постапиле според погоре наведената одлука на Уставниот суд.

2.3.2015 — Објавено на ОКНО.мк: http://okno.mk/node/45050

Одбројување

Tags: 

Десет од десет сограѓани се среќаваат
во парковите, улиците и продавниците
погледнуваат внимателно еден кон друг
се прашуваат кои се предавниците
но погледите не им се среќаваат
се разминуваат и заминуваат
назад во своите домови
каде се надеваат дека мирно ќе сонуваат

Девет од десет сограѓани не го виделе
мрачното лице на диктатурата
гледаат насмеани лица на тв вести
што известуваат за демократијата
богато, успешно и среќно
слики што со реклами се дополнуваат
кадри од собите на соседите
со кои никогаш не се сретнуваат

Осум од десет сограѓани не знаат
за злоупотребата на моќ
само на стари приказни се сеќаваат
за луѓе што исчезнувале средe ноќ
во диско, нели, потсмешливо дофрлаат
заборав по неколку пијачки
нема што друго да се рече
во тие ноќи извиците се дивјачки

Седум од десет сограѓани не знаат
за мачењето и осветата
„не знам, не се разбирам“ одговараат тивко
на прашањата од анкетата
„и само камерата да не снима,
ако може, не знам кој гледа,
сѐ најдобро за владата и премиерот“ -
процедуваат со насмевка бледа

Шест од десет сограѓани не разбрале
мешањето на столбовите на власта
се прават слепи како дамата правда
замижани по патот на пропаста
дел мислат и дека столбовите се архитектонски
од арматура, песок, цемент и вода
заборавајќи на долгот што
иднината на децата ја глода

Пет од десет сограѓани не научиле
за местењето на избори
палецот е темен, мастилото сино
така народот прозбори
и ако треба ќе прозбори пак
вистината е една
корупцијата шепоти на сите
напред — додека стоиме на работ на бездна

Четири од десет сограѓани не чуле
за нечовечноста и злобата
добро, добро, сепак чуле, тоа се зборови
од кои се превртува утробата
но порано така нѐ учеа, нели,
да бидеме умни чичко полицаец да не нѐ земе
човекови права, приватност
непознати зборови од новото време

Три од десет сограѓани мислат
дека набрзина сѐ ќе заврши
се надеваат, храбрат, тешат,
дека невремето нема да ги скрши
“секоја бура кратко трае,
а и сите наши досегашни политички
уште малку и ќе дојде помош“ -
одговараат тие аналитички

Два од десет сограѓани си велат
„тоа не може да ми се случи мене,
сепак подобро не по телефон
внимавај чие име ќе го споменеш“
јазикот врзан кога ќе занеме
тишината е прегласна, оглушува
грлото тешко голта, но подобро така
велат, „не знаеш кој сѐ наслушува“

Еден од десет сограѓани се спремаат
повеќе да не живеат овде
куферите им се спакувани
билет, еден правец подалеку одовде
„можеше да биде подобро“, — велат
„но време повеќе нема.
малку слобода и достоинство
пред и животот да ни го земат“

Дружината на јавниот интерес

Tags: 

One Ring to rule them all, One Ring to find them,
One Ring to bring them all and in the darkness bind them

Денес, во дигиталното доба, неовластениот надзор е прстенот на Саурон.

Тој што го контролира ќе владее и навистина е така — ВМРО-ДПМНЕ владее веќе 9 години.

Но сега овој дигитален прстен се дотркала во рацете на СДСМ на Зоран Заев. Разговорите, наводно 1.6 милиони датотеки аудио снимки, се кај него. Тие можат да бидат искористени за контрола на луѓето. Оттука прашањето е дали Заев ќе биде силен како Фродо или слаб како Смигол.

А затоа што навиваме за Фродо, може да се даде само еден предлог: Да се формира дружина на прстенот, т.е. на јавниот интерес. Фродо не го носеше тој товар сам.

Од што би се состоела таа дружина?

1. Датабаза со следените телефонски броеви достапна на интернет: Софтверот да овозможи безбедна проверка на телефонски број на граѓанинот, увид во снимените материјали, можност за внесување на лични податоци за да се генерира тужба за неовластено следење која што се испраќа на негов e-mail во PDF.

2. Датабаза со снимките што се од јавен интерес: Повеќејазична база со сите транскрипти што се дистрибуираат до медиумите што ќе може да се пребарува по клучен збор.

3. Апликација што ќе ги презентира и објаснува релациите меѓу лицата што се на снимките и за кои се зборува во снимките.

Овие снимки мора да останат во колективната меморија како една гаранција плус дека вакво нешто повеќе нема да се повтори.

Кој е последниот изговор?

Tags: 

Се разбира — „Само да не се врати СДСМ“ е најголемата идеолошка победа на ВМРО-ДПМНЕ. Постојат повеќе објаснувања зошто е ова тотална катастрофа за граѓанството, но наместо тоа да се задржиме на еден мал поглед кон иднината:

Дури и да се случи утре како резулат на бомбите владата да поднесе оставка (а нема да се случи утре), потребни ќе бидат барем шест месеци да се организираат избори. Тоа ќе биде оној период за попис, избирачки список, изборен законик, техничка/експертска влада итн.

Шест месеци е доволен период за луѓе да се приклучат во СДСМ за да го подобрат нивниот капацитет, или да се приклучат кај некоја друга политичка партија (ЛДП, ЛП, ГРОМ, па дури ВМРО-ДПМНЕ — и нив ќе им треба подобри, попаметни и поспособни за демократија луѓе), ако баш СДСМ се целосно одвратни за граѓанството. Или пак, конечно да се формира долгопосакуваната трета опција.

Јасно е. Изборите се празник за демократијата затоа што тоа е денот кога се заокружува ливче и како и на секој празник не се работи.

А граѓаните, според Уставот, имаат обврски и останатите 1459 дена.

Нема други изговори.

Политичката партија, јавниот интерес и корупцијата на Републиката

Tags: 

Кој може да каже колку корупција е потребна за една нормална држава?

Да започнам со рекапитулар на очигледното: неовластено масовно прислушкување е прекршување на законите, Уставот, меѓунардните декларации за човекови права и за тоа виновниците мора да бидат казнети. Тоа е атомска бомба за приватноста и демократијата, која подразбира тајност и на нашите одлуку и не може да функционира кога ваков надзор постои. Ова не е ништо ново, барем за оние што редовно читаат што доаѓа од малиот камп за дигитални слободи што воглавно гравитира околу 2с.мк и КИКА. Но, мислам дека е згодно да се повтори за сите оние кои не се во тек: 1, 2, 3, 4, 5, 6

Но, дебатата не завршува тука. Ако тоа што го вели Зоран Заев е вистина и неовластено се прислушувани 20.000 луѓе од страна на домашнте служби, тогаш тоа е македонската елита, како што утврдивме македонскиот 1%, прислушувана од неа самата, се разбира не буквално, туку посредно — овозможувајќи ги мерките на еден или друг начин во подолг временски период. Секако, вината за тоа најмногу лежи во главната владеачка партија ВМРО-ДПМНЕ која што ги контролира клучните институции, но соработници се сите институции и нивни претставници не сакале да спроведат мерки и проверки или пак ако не можеле, тогаш не си заминале од функциите, односно останале да ги уживааат плодовите на привилегијата власт. Ако нешто во поп-културата или секојднвеното сфаќање на нештата стигнало од мислите на Хана Арент тогаш тоа е идејата за баналноста на злото. Ми се чини дека молкот на целокупниот институционален апарат е токму тоа.

Оттука објавите на СДСМ на Заев всушност, покрај откривање на постоењето на неовластеното масовно прислушување, се и војна помеѓу едниот процент. Остатокот сме повикани да дадеме поддршка. Но, дилемата, иако можеби тешко може да се артикулира, лесно може да се препознае: дали даваме поддршка од принцип — затоа што корупцијата на Републиката мора да заврши, или од нужност — затоа што катастрофалното деветгодишно владеење на ВМРО-ДПМНЕ мора да заврши? Ова не е наивна разлика. Ако секој што е некој во оваа земја е прислушуван, а кога веќе сме сложни дека тоа е масивно нарушување на уставниот поредок, тогаш прашањето за времето што доаѓа единствено е колку проценти од нив се корумпирани?

Македонското „протекување“ на тајните снимки не е налик на ниеден пример од популарната меморија. Ова што го доживуваме не е ни Елсберг со документите за Пентагон, нити Никсон со Вотергејт, нити Викиликс со телеграмите, нити Сноуден со НСА. Не е дури ни филмскиот расплет од новата Борнова трилогија кога Мет Дејмон во улога на Џејмс Борн по факс ги праќа документите за злоупотреба на неговата организација до NYT. Не е — едноставно затоа што СДСМ не е новинарска организација како NYT или Гардијан, нити пак како Викиликс има желба да стане тоа. Aко монополот врз овие информации ги има политичка партија, може ли да се потпреме на тоа дека политичка партија ќе ги спроведе обврските на медиумите за служење на јавниот интерес? Може ли таа да биде четвртиот столб на власта, кога, очигледно и логично, претендира да биде првиот столб?

Овие прашања ставаат специфичен товар на СДСМ на Заев. Ако решат навистина да му служат на јавниот интерес, радикално како Викиликс или умерено како Гардијан, тогаш треба да ги обелоденат и снимките што ќе ги разоткријат и луѓето што се блиски до нив. Статистиката вели дека сигурно има такви луѓе. Будалесто би било да веруваме дека само елитата што е асоцирана со ВМРО-ДПМНЕ е корумпирана. Дури и односот да е 90% наспроти 10%, би требало во служба на јавниот интерес да знаеме сѐ. Така сите објави ќе го доведат во прашање не само постоењето на ВМРО-ДПМНЕ, туку и на СДСМ и другите политички партии онакви какви што ги знаеме. Ова е тој специфичен товар што го носи СДСМ на Заев, и што нѐ враќа назад на прашањето принцип или нужност. Впрочем од нив зависи каков вид на поддршка ќе добијат, од нивната одлука дали ќе бидат џелат само на ВМРО-ДПМНЕ или на сите оние што 25 години ја буткале Републиката во бездна, па така и самите на нив. Со други зборови, треба да видиме дали ќе ги видиме само големите злоупотреби како што се наводите за местенки во Врховниот суд или и малите кои што веројатно постојат од страна на локалните моќници во локалните судови. Ова е тешка одлука.

Секако ваквиот специфичен товар на СДСМ на Заев делумно произлегува од состојбата во која со години наназад се наоѓа македонското новинарство, а пред сѐ поради неговите спреги токму со истата елита. Доколку имавме весник со барем половина од капацитетот на Гардијан, можеби СДСМ ќе можеше да ги предаде документите таму и да се посвети на тоа што вообичаено го прават партиите — програма и избори бидејќи така се менува власта во демократските држави и во оние кои барем претендираат да станат такви. Последново само ја комплетира сликата за тоа каква комплицирана и обемна работа нѐ чека во обновата на општеството и Републиката што треба да следи. Но, одговорноста за тоа да стигнеме во точка во која што обнова ќе биде возможна во моментов целосно е во рацете на СДСМ на Заев.

Луѓето не се плашат наивно од изреката „сите се исти“. Сите го препознаваме прашањето за вредностите, прашање кое што е многу важно. Гаранцијата за тоа дека некој локален моќник веќе во 2017 нема да ги клика копчињата во ДБК треба да биде двојна: таквите што сега кликаат некои копчиња во општинска соба да бидат исчистени сега и Уставот и законите да бидат променети заради поголема заштита на граѓаните.

Под претпоставка дека сѐ што беше до сега кажанао од страна на СДСМ е точно, ваков расплет е можен во едно „Черчилијанско сценарио“. СДСМ на Заев да ја обелодени комплетната „Вистина за Македонија“ и штом оваа „војна за вистината“ заврши, тој да си замине и да имаме можност да избереме „цивилен премиер“, а елитата што ќе ги пополнува клучните места по институциите да биде целосно испразнета од луѓе што имале врска со корупцијата изминатите 25 години.

Клопчето што сега го одмотува Заев може да биде преседан за решавање на сите политички битки во иднината. Којзнае дали СДСМ се спремни на тоа.

Објавено на ОКНО 19.2.2015: http://okno.mk/node/44741

Три поенти за прислушувањето

Tags: 

Дигиталното прислушување е атомска бомба за приватноста.

Ако тоа што го вели Зоран Заев е вистина и прислушувани се 20.000 луѓе, како е тоа спроведено?

Ми се чини забуната потекнува од идеите што ги имаме за прислушување. Тие потекнуваат од стари Бонд филмови и сцени како онаа од „Sneakers“ со Роберт Редфорд. Тоа е романтично минато.

Со денешната технологија може се снима сѐ што протекува низ каналите на комуникација. Замислете цевка со вода и вентил што ја отвора од страна. Но, наместо да истекува водата и да имате намален проток во главната цевка дел од протокот се „копира“ во вентилот. Тоа е возможно бидејќи станува збор за дигитална технологија Никој рачно не стиска „record“, туку целиот канал се снима на харддиск. Потоа тој е достапен неограничено и се преслушува назад по потреба. Тоа е и целиот проблем на bulk дигиталното прислушување. Тоа е и суштината на многу дебати од Викиликс/Сноуден наваму.

Понатаму нема никакви технички ограничувања. Белки не мислите дека МВР си рекле во некој момент: „еј, не снимаме зашто ни е полн харддискот“? Оваа дебата хипстерски беше разрешена уште пред 5–6 години, мислам кога уредникот на Wired се смееше на тоа дека шиткаат телефонски секретарки што снимаат максимум 100 пораки или така нешто… само додај поголем storage и тоа е тоа. А хардисковите се денес сѐ поевтини и поевтини.

Така што, баталете муабет дали некој дал конкретен налог за тоа баш тој ден, тој и тој разговор да се снима. Ако тоа што го тврди Зоран Заев е вистина, налогот за 20.000 лица и нивните телефони бил даден еднаш некогаш и потоа се снимало сѐ. Технологијата тоа го дозволува. Не сме во 1970 па да мора некој дома да ти мести уред на фиксниот телефон и да пази да не го извадиш или откриеш.

И овде е и вториот проблем со bulk дигиталното прислушување: кога има „протекување“ тие што снимале не знаат ни што точно е снимено, ниту што точно од снименото е изнесено надвор од серверите. Ако навистина станува збор за whistleblowers од МВР, тогаш тие што ги истражуваат протекувањата имаат тешка задача да видат што е изнесено од службените харддискови. (За потсетување, ни НСА не знае што сѐ и што точно изнесол Сноуден.)

Но, што е со бројката од 20.000? Брза математика: Во Македонија живеат околу 2 милиони луѓе. Околу 550 илјади се пензионери, околу 350 илјади се ученици во основни и средни училишта и студенти. Уште околу 120 илјади се деца во претшколска возраст. (Бројкиве се извадени од новински написи од google.) Значи остануваат 1 милион пост-студенти — пред-пензионери. ДЗС вели дека од нив околу 690 илјади се вработени. Сигурниот облог е дека 20.000 се дел од овие 690 илјади, но таа група може и понатаму да се намалува, ако ги извадиме земјоделците, градежните работници, занаетчиите, и воглавно сите професии кои што немаат некакво поголемо општествено влијание. Наједноставно овие 20.000 е македонскиот 1% — најбогатите и највлијателните граѓани.

***

Која е користа да бидат бидат прислушувани македонските 1%? Мене ми текнува само тоа дека разговорите што тие ги воделе се чувани како гаранција. Треба да одам на состанок со тебе и знам што си зборувал. Тоа е огромна предност.

Но, ако може да им се верува нешто на филмовите, тоа е дека незаконски прибраните докази не можат да се користат на суд. Така што какви и криминали да содржат сите овие снимки, за секое од тие дела ќе треба да се прибираат нови докази. Оттука објавувањето на снимките најпрво може биде корисно за една голема катарза на општеството во која голем број на луѓе ќе си заминат од јавниот живот. Долго време живееме во општество во кое поткупот, но и многу други „услуги“ се земаат како вообичаена работа од страна на мнозинството граѓани. Ако снимките послужат за вакво прочистување, тогаш тоа ќе биде голем плус за нас.

Се разбира, ова не значи дека сите 20.000 луѓе што биле прислушувани направиле нешто незаконско.

***

Настрана од ова, неспорно кривично дело останува неовластеното прислушување. За една држава што долго време се бави со проблемот на неовластено прислушување од времето на комунизмот, целосно е поразително два пати по ред да влегува во нова епизода од неовластено прислушување од една партија. Останува на граѓаните да оценат на избори дали е тоа дозволиво.

Но, пред тоа потребна ни е суштинска дебата за законските реформи што мора да се направат. Дигиталното прислушување е атомска бомба за приватноста, а проблемот со атомските бомби не го решаваме со уништување на атомската технологија. Напротив, го решаваме со закони што ја контролираат употребата на атомската бомба.

Неовластеното дигитално прислушување во Македонија е свесно и плански организирано и одобрено од истиот 1% — од нашата елита: од владата со предлозите за законите што овозможуваат прислушување без мерки и проверки, преку собранието што ги изгласало тие промени, преку уставниот суд што не презел ништо против нив, преку телеком операторите кои не им наложиле на нивните правни тимови да се борат против овие решенија… и така натаму. Со други зборови, ова не се случува затоа што неколку луѓе сковале заговор против Македонија, како што веројатно едноставно се прикажува во јавноста. Ова е заговор од многу поголема група на луѓе, од кои секој одработувал по еден дел за да се овозможи системот да функционира онака како што сега гледаме дека функционира. Сите тие во идеален свет би поднеле оставки и никогаш не би требало да добијат јавна функција.

Планот за враќање на приватноста, за да можеме да ја окуражиме нашата демократска свест и потенцијал, од страна на законодавството, би требал да вклучува посилна уставна заштита на приватноста на комуникациите, контроли на дигиталното следење што ќе ги спроведуваат операторите, вклучување на народниот правобранител во секоја постапка на следење на комуникации заради обезбедување на почитување на човековите права. А можеби, по примерот на Аргентина и нивните тајни служби (чија разврска исто така се случува деновиве), треба да разговараме и за распуштање на македонските тајни служби и нивно градење одново на здрави темели.

Планот за враќање на приватноста, за да можеме да ја окуражиме нашата демократска свест и потенцијал, од страна на граѓаните би требал да вклучува обуки за масовно користење на алатки за енкрипција на дигиталните комуникации.

Не смееме да дозволиме сапуницата неовластено прислушување да има четврта епизода.

16.2.2015 објавено на ОКНО: http://okno.mk/node/44646

Ефектот на демонстрација и граѓанскиот отпор: за потребата од освојување на нови медиумски простори

Tags: 

За сите што се од економските науки веројатно е добро познат примерот со ефектот на демонстрација врз потрошувачката: гледате дека соседот купил нова кола, и сакате да купите нова кола… Кога знаете што прават другите, сакате да го подражавате нивното однесување.

Тогаш без многу изненадување следи дека во книгата посветена на граѓанскиот отпор Адам Робертс и Тимоти Гартон Еш посветуваат поглавје на ефектот на демонстрација и граѓанскиот отпор во поранешниот советски блок. Авторите забележуваат дека клучна улога во расплетот во Советскиот сојуз игра политиката Гласност — т.е. слободниот проток на информации низ медиумите што по долго време со политиката на Горбачов се ослободени.

Да не преведувам:

Извор, книга цитирана погоре, стр. 108

Технологијата е сменета од тогаш до денес, но тоа што можеме да твитаме (најчесто) непречено не значи дека информациите стигнуваат до сите. Да искористам уште еден цитат, од (наводно) Едли Стивенсон: Кога некоја поддржувачка во изборната претседателска кампања му рекла „Сенаторе, сите паметни луѓе сѐ со вас.“, тој одговорил: „Тоа не е доволно, потребно ни е мнозинството“.

Значи, тоа што ние на твитер / интернет знаеме и се сложуваме со тоа што го прави на пр. Студентски пленум, или пак Солидарност за хонорарците не е доволно. Потребен ни е ефектот на демонстрација за промената да се прелее во сите ќошиња на општеството. Тоа што имаме интернет исто така не е доволно. Потребни се традиционалните медиуми и потребно е да се освојат нови медиумски простори.

Напред кон улиците и плоштадите, но и кон домовите на оние што зависат од ТВ приемнците.

Објавување во време на медиумски мрак

Tags: 

Да замислиме, само за момент, дека тоа што го вели Зоран Заев е вистина: дека СДСМ има материјали што докажуваат сѐ најлошо за владата на ВМРО-ДПМНЕ, дека тие материјали ќе се објават без разлика на личните судбини на неколкумина од опозицијата, и дека тоа ќе се случи после следната недела. Прашањето што следи е: каде ќе објавуваат?

За среќа скорашната историја ни нуди примери за тоа како се објавувуваат документи кои што потекнуваат од активност на whistleblowing. Случаите со Wikileaks и Едвард Сноуден се само-објаснувачки. Потребни се традиционални мејнстрим медиуми кои што ќе можат да ги пренесат информациите до крајниот читател, соџвакани и презентирани така што ќе постигнат најголемо влијание. Се разбира ова не е и ништо ново. Стратегијата да се објавува на интернет, на фејсбук страници, на јутуб канали и слично, без водство или барем поддршка од традиционалните канали, едноставно нема да функционира. Кога ќе го споредиме тоа искуство со сликата не медиумите во Македонија исходот изгледа мрачен. Водечите весници, како што видовме минатата недела, не можат да објават насловна со наводна тепачка на градоначалник, а не пак нешто што би можело да го руши целокупниот политички естаблишмент.

Во македонски контекст посебно важен е и случајот со Кежароски. Новинарот е осуден за објавување на документи. Од денешна гледна точка, и во најоптимистичко надевање на тактиката на СДСМ, и под горните претпоставки, одложувањето на објавувањето се чини како купување време во кое судските власти во земјава треба да ја укинат пресудата за новинарот со што би се создал чист простор за новинарите да можат слободно да пишуваат. Но, тоа не е сѐ.

Тактиката би требало да вклучува уште неколку договори или виткање на раце кои што е логично да се случуваат. Така доколку доказите тоа го содржат може да се очекува дека некои луѓе ќе добијат „исчезнување на тие документи“ во замена за поддршка при објавувањето. Тука пред сѐ би можеле да се вбројуваат луѓето од Јавното Обвинителство (кои нема да поведуваат кривични постапки за објавувањето), но и бизнисмените што се издавачи на весници, имаат телевизии и/или портали со поголем тираж и достапност до публика од Фокус, Либертас и Слободен печат.

Не верувам дека може да се замисли поинаква тактика за дисеменација на овие најавени документи во ситуација кога имаме де-факто медиумски мрак. Од она што може деновиве да се види и прочита се чини дека стисокот на ВМРО-ДПМНЕ на медиумскиот простор сѐ уште е силен.

Останува да видиме дали некој во опозицијата има одговор на прашањето: „Дали ако дрво падне во шума и никој не го види, дрвото навистина паднало? “— во услови кога Македонија се наоѓа на најниското место на листите на слобода на медиуми и слобода на изразување во последните десетина години.

Одбрана од неовластен надзор

Tags: 

Приказната за опозициските бомби кои што ќе ја срушат владата полека се хомогенизира околу масовен неовластен надзор на комуникации. Дали тоа е навистина така, останува да видиме.

Но, во меѓувреме добро би било да се потсетиме на алатките со чија помош можеме да се ослободиме од надзорот.

Првиот очигледен совет е дека ако сакате приватност кога одите некаде треба да го оставите мобилниот телефон дома. Мобилните телефони сами по себе се уреди за надзор. Вашата положба може да се добие преку базните станици со кои се врзува телефонот.

Вториот очигледен совет е дека треба да стоите понастрана од производи што се изградени на затворени платформи (Apple е пример за тоа). Ако не можете да видите што прави уредот, тогаш не може да знаете дали прави нешто против вас.

Третиот совет е — седете понастрана и од социјалните мрежи како Facebook.

Четвртиот совет е да користите енкрипција. Енкрипцијата на електронска пошта е стара алатка но (релативно) комплицирана за употреба и често поради тоа непопуларна. Но додека се чека на елегантно решение за пошта (се вика mailpile), можете да ги опремите вашите телефони со алатки за тајност. Инсталирајте textsecure и redphone за да имате пораки налик на viber и voip кои што ќе бидат енкриптирани. Исто така можете да ги опремите вашите компјутери и телефони со алатки за анонимност — инсталирајте tor.

Тајноста и анонимноста се клучни својства на приватноста. А без приватност не можеме да носиме автономни одлуки — одлуки кои се нужни во демократското општество. Не би требало да има потреба за други аргументи за употреба овие алатки.

Ова е втор пат влада на ВМРО-ДПМНЕ да добие обвинување за масовен неовластен надзор на комуникации. Поговорката вели: „Fool me once, shame on you; fool me twice, shame on me“. Треба да ги заштитиме нашите комуникации со алатките што ни ги нуди дигиталното доба, но треба да ги заштитиме и нашите права со алатките на демократијата и да се погрижиме оваа партија никогаш повеќе да не ја добие довербата на граѓаните за формирање влада.

6.2.2015 објавено на ОКНО: http://okno.mk/node/44384

Слободата на говор како политичка платформа

Tags: 

„Нема такво нешто како лажна идеја“ — Врховен суд на САД, 1974 г.

Случувањата во Франција со Шарли Ебдо и во Македонија со Томислав Кежароски ја отвараат дебата за границите на слободата на говор.

Мислам дека има две поенти, барем од либерална гледна точка, зошто ваквата дебата всушност е дебата против слободата, бидејќи не може да се биде малку или средно слободен. Тие се:

1. Навредата не смее да биде забранета или било како поинаку регулирана. Можеби сум глупав што ќе те навредам, но штом не добивам награда кога ти ласкам, не треба да добивам ни казна кога те навредувам.

2. Јавните личности (вклучувајќи ги тука пред сѐ политичарите) и сите центри на моќ во едно општество треба да се навикнат на коментари на нивна сметка, без разлика какви се тие. Во робустна демократска традиција тоа би можело да биде дел од утврдената пракса. Во Македонија тоа треба да биде дел од законодавството: Политичар и/или институција не би смеел да тужи новинар (или друг граѓанин) па макар и овој за нив зборувал дека ја украле месечината.

Во долгата либерална традиција, почнувајќи уште од принципот на штета на Џон Стујард Мил, единствениот момент кога Републиката би требала да интервенира е да спречи говор кој што директно повикува на насилство. (Според многумина, токму овде и потфрлува нашата Република.)

Ова би требало да бидат линиите на размислување на оние што тврдат дека имаат либерални вредности. А за оние од овој камп кои размислуваат за некои идни политички битки, централно прашање на политичката програма би требало да биде менување на законите што го ограничуваат говорот за да ги одбранат нежните чувства на моќниците.

30.1.2015 — Објавено на ОКНО: http://okno.mk/node/44184

Залудната потрага по општествено-одговорни е-бизниси

Tags: 

Подолго време off.net.mk е на тапет дека не објавува доволно вести за активистичките активности што се случуваат во Македонија, а од скоро дел од критиките се насочија и кон newmadia.mk (поради учеството на Драган Павловиќ Латас на нивната конференција) и blogirame.mk (поради сплетот на околности што доведе до тоа 2 дена по големите студентски протести каде што имаше прекин на мрежата на TMobile, истата команија да дели награди на нивниот настан).

Ваквите „повици за правда“ се беспредметни.

Сите овие (и други) профитни компании (или профитни проекти) немаат мисија да застапуваат никакви општествено значајни прашања (кои и да биле тие), туку имаат мисија да прават профит (некои го прават тоа повеќе или помалку успешно од другите — на пример во случајот на blogirame.mk тоа е само зголемување на видливоста на брендот).

Оттука, воопшто не разбирам зошто да им се поставуваат повисоки барања на овие ентитети одошто на пример им се поставуваат на било кои други фирми (па дури и во пред интернет времето). Единственото објаснување што го гледам е дека овие три или уште неколку други се поврзани со луѓе кои се релативно познати / достапни за комуникација онлајн, па оттука се чини згодно да бидат пингани за сешто.

Залудно е сето тоа, па за сите што мислат дека сепак јавниот простор треба да биде простор за дебата, мало навраќање на Џејкоб Апелбаум и Дмитри Клајнер (Република 2012„Кога зборуваме за права, зборуваме за права во јавниот парк. Но нашиот друштвен простор веќе не е јавниот парк, туку е трговскиот центар каде службата за обезбедување има апсолутна и тотална моќ“.

Приватните ентитети не се јавен парк. Тоа важи и за интернет.

Протест за статус-кво

Tags: 

Протестот против новиот закон за задолжителни придонеси е протест за задржување на статус-кво, а тоа не е од корист за сиромашните

Да преминам одма на главното:

Аргументот дека од 1.1.2015 ништо нема да ги спречи работодавците да ги отпуштат сите од работа е, во најмала рака, погрешна интерпретација на нештата. И денес, со постоечките закони ништо не спречува никого да води бизнис само со помош на договор за дело. Но, и покрај тоа имаме луѓе што се вработени согласно ЗРО. Тоа е така затоа што ЗРО нуди погодности за двете страни и покрај тоа што хонорарците денес се дури 35% поевтини од вработените.

Оттука, аргументот дека од новиот закон ќе страдаат сиромашните не држи вода. Сиромашните сега страдаат. Ако законот не се промени тие нема да имаат алатка со која би можеле да побараат повисоки примања и/или вработување. Затоа законот, колку и тој да е мотивиран од краткорочните желби на Владата за зголемување на буџетот (како што се шпекулира), претставува и алатка во рацете на оние кои со години се наоѓаат во милост и немилост на работодавците и прикриено се вработени со договор на дело. Работодавци, за кои патем, ние сите, целото општество, колективно молчиме (а нивните имиња и бизниси ги знаеме и фалиме за успешност).

Ова се разбира не значи дека сѐ наеднаш ќе се реши и/или дека законот е совршено решение за сѐ. Но, тоа важи за секој закон, па не гледам потреба да се трошат зборови за тоа.

Но, законот ќе ги погоди, ако може така да се изразам, канцелариските хонорарци. На пример IT инжинерите во доцните 20-ти и рани 30-ти кои одлучуваат да работат со договори на дело за да можат да земаат високи примања (а кои поради младоста не се разболуваат често, па не им е потребно здравствено осигурување). Во оваа група на канцелариски хонорарци се и други професии, повеќе или помалку, правници, консултанти, професионалци од НВО секторот…

И ако сме искрени треба да кажеме дека ова е нивен протест. Ова е протест за задржување на статус-квото кое на групите што земаат високи хонорари им овозможува за нив да плаќаат само 11,11%.

Сиромашните секогаш биле потчинети и ќе бидат потчинети и понатаму во капиталистичкиот систем. Да не се лажеме. Тие 20 и кусур години не можеле да организираат протест за нивните ниски примања, скриени вработувања, лоши услови и безброј други злоупотреби. Тие 20 и кусур години не добиле поддршка од никого нити доживеале некој да ги предизвика, осуди или барем стави во медиумска приказна за засрамување газдите за кои работат во лоши услови. Сетете се само колку се (не)масовни протестите за работнички права на 1 Мај.

Секако, секоја група што мисли дека има што да загуби има право да протестира. Само за да бидеме фер, ајде да ги кажеме работите како што се.

Ќе има ли погласно соочување: Трибината на Студентски пленум и отсуството на моќните

Tags: 

Кога на google.com ќе пребарате „економски факултет екстерно“ резултатот е нула пронајдени страници

Додека влегувате во амфитеатарот на Филозофски / Филолошки факултет ја забележувате неговата / нивната финансиска моќ. Просторијата не е во добра состојба. Изгледа како да не е кречена одамна, или барем, како прозорците на кровот што треба да даваат дневна светлина да не се во добра состојба, па низ нив капело од обилните врнежи кои што стануваат вообичаени за Скопје. Сите редови освен првите 2 се со дрвени столчиња.

На катедрата како говорници, покрај професорите од Филозофски и Филолошки факултет, седат преставници од ФДУ и ПМФ. Сите професори се од факултети кои не припаѓаат на големиот бизнис со / во образование(то). Филозофски и Филолшки делат зграда и дури ни заедно не можат да имаат реновиран амфитеатар, како на пример што Економски факултет имаше уште во 1999 год. ФДУ е сместен во бараки, кои колку и да се топли и полни со дух од уметничкиот живот, се крш. ПМФ е факултет кој по сплетките со Институтот за информатика и неговото реформирање во ФИНКИ го изгуби главниот извор на приходи, па професорката Прелиќ нѐ потсетува дека сега немаат пари ни за хемиски реагенси.

Сето ова е слика на средбата на помалку привилегираните факултети и на оние кои, барем во академскиот ред, немаат речиси никакви привилегии — студентите. Дури и претставниците од професорскиот ред на некој начин беа „the usual suspects“ — Вилиќ, Ванковска и Бојаџиевска, па дури и Цуцуловски пред да се пензионира, се чести лица во јавното зборување за разни проблеми, па и универзитетските.

Ова не го пишувам за да ги критикувам овие факултети или присутните професори, туку за да додадам контекст во трибината што ја организираше Студентски пленум:

Колку и да беше прецизно и јасно правното излагање на Костантин Битраков, тоа ќе беше помоќно ако покрај него зборуваше и професор од Правниот факултет. Вилиќ убаво напомена дека веројатно во министерството немаат правник како Костантин, но имаат ли на Правен?

Понатаму, кога на google.com ќе пребарате „економски факултет екстерно“ резултатот е нула пронајдени страници. Веројатно најбогатиот и најмоќниот (и најбројниот по студенти?) факултет молчи. Исти се резултатите и за Архитектонски и Медицинси факултет…

Колку што знам (немам facebook, тешко ми е да проверам) Филозофски/Филолошки се единствените два факултети на УКИМ што дозволиле употреба на просторија (а тоа да не е холот/аулата) за одржување на активности на Студентски пленум, иако студентите знаат дека никаква посебна дозвола за тоа не е потребна (ако добро запаметив од трибината: член 157 од Законот за високото образование).

Прашањето оттука е — кога ќе се соочиме со помоќните факултети и нивните помоќни професори?

Окупирајте ги кампусите. Сите.

На Окно: http://okno.mk/node/43142

На НоваТВ: http://novatv.mk/index.php?navig=8&cat=6&vest=18950

Цензура е кога не можеме да кажеме „ало“

Tags: 

„Кога вистината е заменета со тишина, тишината е лага.“ — Евгениј Ефтуштенко

На 10.12.2014 год. за време на вториот студентски марш во Скопје во определен период немаше мобилни мрежи.

Во неговото известување Т-Мобиле инсистира дека имало техничка грешка, што секако влијаело и на функционирањето на другите оператори. Од друга страна, многумина се посомневаа дека станува збор за намерен прекин како последица на притисок или барање на Владата на РМ. Но, причините поради немаше мобилни мрежи во моментов се помалку важни.

Тоа што е важно е дека како последица на прекинот во Македонија за време на студентски протест се случи цензура. Цензурата по дефиниција е потиснување на говор или друга форма на комуникацијаhttp://okno.mk/node/43044

По трагите на новинарските истражувања #2

Tags: 

tl;dr Една набавка, една опрема, три афери.

Што е заедничко за сториите на НоваТВ (1 и 2), Фокус (1, 2, 3 и 4) и Буре весник (1)?

Сите зборуваат за сомнителни набавки на опрема. Но, за жал, сите на опремата ѝ доделуваат различни својства и намена.

Сѐ започнува со сторијата на НоваТВ. Првиот дел од сторијата е коректен. Како граѓани добиваме информации за кривична пријава за опрема што недостасува во Факулетот за безбедност во Скопје при УКЛО — Битола.

Во сторијата на НоваТВ професорката Фросина Ременски ја опишува опремата што недостасува на факултетот. Тоа се: електронски микроскоп, систем AFIS и опрема за пресретнување електронски комуникации. Системот AFIS e делот што е набавен со тендерот 43/2010. Другите два се набавувани во други тендерски постапки: 33/2010 за електронскиот микроскоп и 40/2010 за опремата за пресретнување.


извор — e-nabavki.gov.mk


извор — e-nabavki.gov.mk

Во моментот кога е огласен алармот на УКЛО, описот на опремата што била набавувана го знаат еден професор и веројатно експерт, претсавници на Транспарентност интернационал и новинари. Но, алармот не вклучува опасност за незаконито правење на биометриски документи.

Но, веќе во втората сторија на НоваТв се шпекулира за опрема набавена за МРТ. Велам — се шпекулира, затоа што доказот што е понуден за таа набавка е „Известување за склучен договор за јавна набавка“ (screenshot има на страницата на НоваТВ) јасно и недвосмислено вели дека набавена е една лабораторија по тендерот кој што е делив. Кога се чита тоа што НоваТв го пишува: — „Министерството за образование набавувало криминалистички и форензички лаборатории за Македонската радио телевизија.“ — се добива впечаток дека тие не кликнале на тендерот каде што пишува дека за МРТ се бараат студио и ауидио-визуелна лабораторија.

По ова, приказната продолжува да ја обработува Буре весник. Во тамошното истражување повторно се зборува за опремата што недостасува на Факултетот за безбедност и спорните набавки. Приложени се слики од Службен весник на РМ со попис на опремата.

Но, овој пат, и покрај тоа што може да се прочита што е таа опрема, се инсистира на тоа дека тоа е опрема за прислушување. Брзо гуглање вели дека тоа не е така: електронски микроскоп (33/2010) е микроскоп, AFIS на Morpho е база за форензика (43/2010) и FRED е мобилна станица за форензика (40/2010) — нешто налик на она што во серијата CSI го вадат од кола кога ќе излезат на терен.

На крај приказната за истата опрема ја зема Фокус. Спорни набавки, факултети, декани и истата опрема. Тоа е истата опрема што до пред малку беше опрема за следење на комуникации. Сега наеднаш системот AFIS станува систем со кој што можат да се прават биометриски пасоши и лични карти.

Но, Фокус ја повторува и истата грешка како НоваТВ. Без да ја провери документацијата на тендерот 43/2010 — каде што јасно се гледа дека се набавува еден AFIS — пишува дека набени се три AFIS системи, поентирајќи со тоа дека 2 од нив фалат.

Заради појаснување: Што поточно е AFIS?

Постојано читаме дека имало три AFIS-а и дека два фалат. Каде се AFIS-ите? Барем кога јас читав вака, а пред да знам дека AFIS е акроним за Automated Fingerprint Identification Systems, мислев дека тоа се три уреди — да речеме три принтери и дека два од нив фалат.

Но, AFIS всушнсот е многу опрема. Само тој едниот за кој што сигурно се знае дека е набавен, според пописот од Службен весник на РМ содржи (ако точно избројав) 104 поедниечни парчиња хардвер меѓу кои има и маси, столчиња и кабинети.


извор — burevesnik.org

Така, тврдењето дека два фалат наеднаш изгледа многу чудно. Всушност, ако навистина фалат, фалат две цели соби со опрема. Не сакам да речам дека две цели лаборатории не може да се украдат. Секако дека може. Но, тогаш барем би сакал да прочитам некој доказ повеќе од референца кон тендер за што се добива впечаток дека никој не го прочитал.

Прашања за теоретичарите на заговор

Безразлика на сѐ — како што велат во американските филмови — сѐ е можно. Лаптопите од набавката на FRED може да се користат за следење на комуникации, како што може за тоа да се користи и обичен лаптоп. Принтерите и фотоапаратите од што се купени во AFIS системот може да се корисат за правење на биометриски документи, како што може и било кој принтер и фотоапарат (се сеќавате на ефтиниот избор на фотоапарати во станиците каде што се сликаме за лична карта). Можно е целата документација од тендерот 43/2010 да е фабрикувана, и не само од него туку и од сите други 200 тендери за универзитети за кои Буре весник вели дека се тендери за прислушна опрема.

Новинарите до сега не понудиле ниту еден извор дека навистина се набавени 3 AFIS уреди. Колку што знам не понудиле никаква анализа за тоа што сѐ е барано, купено, распределено и ставено во употреба со тендерите 20/2010, 25/201, 26/201 33/2010, 34/2010, 40/2010, 41/2010, 43/2010, сите за лаборатории за научни институции.

Сѐ е можно.

Но, можеме да судиме само по она што можеме да го потврдиме.

Претходно на темата:
По трагите на новинарските истражувања
Метаподатоците на фотографиите со пасоши

Дополнето 8.12.2014: Текстот е објавен на Окно http://okno.mk/node/42899

По трагите на новинарските истражувања

Tags: 

tl;dr Само една AFIS лабораторија во тендерската документација.

„Новинарот има обврска да се образува во јавност.“ — вели Џозеф Кембел во неговата серија интервјуа „Моќта на митот“, и тоа го направив јас денес откако решив да истражам нешто повеќе во врска со нашата афера за пасоши.

Прво, аферата со опрема што е исчезната или на друг начин спорна воопшто не е нова. За оваа опрема пишувала НоваТВ во август 2013 година. Сепак, тоа што е чудно е како оваа „криминалистичка опрема“ (НоваТВ) од 2013 преминала во опрема за која „се знае дека дел од опремата можела да се употреби и за биометриски документи — пасоши и лични карти“ (Фокус бр. 994) во 2014 година.

Всушност такво нешто не се знае. Ако опремата како што тврди Фокус е AFIS, е истата што ја користи американското ФБИ, е набавена од ќерката на Safran — Morpho, тогаш со таа опрема не може да се прават биометриски документи, бидејќи просто тоа е форензичка опрема.

Дека таа опрема е набавена е неспорно и од информациите што ги има Фокус (бр. 994, стр. 13) каде што се гледа документ за примопредавање на опрема помеѓу Safran и Министерството за образование и наука. Тaа опрема е MetaMorpho.

Францускиот Safran продава опрема за правење на пасоши и лични карти, но досега нема никаде информација од никого дека таква опрема е набавувана во Македонија, ниту пак Македонија фигурира на листата на клиенти за биометриски документи на оваа компанија. За потсетување, Македонија набавувала опрема за пасоши во 2005 година. Таа опрема според информациите од минатото чини 23 милиони евра.

Мислам дека ова ги фрла во вода тврдењата за евентуална поврзаност на тендерите на МОН за набавка на опрема и аферата производство на пасоши.

Сепак, може да истражиме дали навистина во Македонија има набаваено 3 AFIS-а, бидејќи дури и опрема за проверка на отпечатоцити и одржување на криминалистички бази не би требало да биде во ничија друга сопственост освен на МВР (настрана можните нелегални примопредавања помеѓу МОН, УКЛО и МВР).

За таа цел може повторно да се навратиме на испратницата (acceptance certificate) од Safran (Фокус 994, стр. 13). Ако Safran навистина донесол и монтирал три комплета ваква опрема тогаш би требало да има три испратници — по една за секоја локација каде што е таа монтирана. Понатаму може да се провери договорот бр. EP 18–60/22 од 26.09.2011 година (склучен меѓу МОН и Safran) и во него да се побараат податоци за тоа колку и каква опрема е испорачана. Логично е да се очекува дека Safran би барал овие документи да бидат точни и веродостојни пред да ги потпише, бидејќи едноставно доколку на испратницата се вели едно, а на договорот друго, тогаш во некој момент МОН би можел да побара договорот да се исполни до крај. Safran сигурно тоа не би го дозволил.

Но, ако сето тоа се чини комплицирано, доволно е да се види тендерската документација на тендерот бр. 43/2010 која што е достапна на web страницата на Бирото за јавни набавки (не можам да најдам permalink, но може сами да проверите на https://e-nabavki.gov.mk/).

Лаболаториите што се набавуваат се 1 AFIS и 2 студиски опреми за МРТ.

Човечето што повикува на теорија на заговор сега ми вели да допишам дека ете можеби со сета опрема заедно вака може да се прават фалсификат пасоши, но дајте прво да провериме дали во МТВ има ново студио и аудио-визуелна опрема и дали таа е купувана исто така од Safran. Но, тендерот 43/2010 е делив и според документацијата купен е само еден дел — AFIS:

Дополнето 4.12.2014: Според информациите од јавните набавки во 2007 година во државата Западна Вирџинија набавката на основниот систем AFIS од истиот производител чини 2.950.000 долари.

Набавката во Македонија според сите извори е околу 152 милиони денари или околу 2,5 милиони евра.

Претходно на темата: Метаподатоците на фотографиите со пасоши

Следно на темата: По трагите на новинарските истражувања #2

Објавено на Окно на 5.12.2014: http://okno.mk/node/42836

Метаподатоците на фотографиите со пасоши

Tags: 

tl;dr Од септември 2014, со Samsung Galaxy S4 GT-I9515.

Веста што ја објави Фокус предизвика голем интерес, па затоа овие дополнителни информации може да бидат исто така од корист во јавната дебата.

На веб страницата на весникот објавени се шест фотографии. Пет од тие фотографии најверојатно се фотографирани на 9 и 10 септември 2014 година. Тоа може да се види од метаподатоците на фотографиите.

Шестата фотографија е уредувана во Photoshop најверојатно од страна на редакцијата на Фокус за да се скрие идентитетот на лицето.

Според метаподатоците фотографиите се направени со Samsung Galaxy S4 (GT-I9515) телефон кој што се продава од мај 2014 година. Дури и да бил купен веднаш по пуштањето во продажба, овој телефон не би можел да се користи за фотографирање на нешто што би било поврзано со минати изборни процеси. (Последните избори завршија на 27 април 2014 г.)

Оттука освен ако некој не си играл претходно со метаподатоците на овие фотографии (а тоа е можно и лесно со обично уредување во Photoshop како во фотографија бр.6), овие фотографии навистина се направени во септември 2014 година со уред кој што не е постар од 6 месеци и патем е релативно скап (20.000+ МКД малопродажна цена).

Дополнето 30.11.2014: Во печатеното издание на Фокус има уште една фотографија каде што е прикажана некаква машина. Таа фотографија не е објавена на веб страницата. На фотографијата може да се видат неколку букви од брендот на машината. Истражувањето на датабазата на брендови на WIPO покажува еден бренд што многу наликува на исечокот од фотографијата. Тоа е Original Perfecta брендот на компанија за производство на машини за сечење хартија.

Брендот бил во сопственост на комбинатот Вернер Ламберц од Лајпциг, Источна Германија, регистриран за Данска јурисдикција во 1963 година.

Дополнето — најчести прашања:

1. Нели Samsung Galaxy S4 е достапен на пазарот од 2013?

Постојат два модели на Galaxy S4. Едниот објавен во 2013. Тоа е моделот GT-I9505. (Врска до продажба на T-Mobile.) Вториот е Galaxy S4 Value Edition модел GT-I9515 пуштен во продажба во мај 2014 како што потврдува и информацијата од врската погоре во текстот.

2. Дали е можно фотографиите да се направени во септември 2014 така што е фотографирано видеото?

Фокус објави дека добил видео и фотографии:

Без да разгледуваме колку е лесно со мобилен телефон да се фотографира видео што се прикажува на монитор и притоа да се добијат солидни фотографии, видеото што е објавено од страна на Фокус не ги содржи истите кадри што се прикажани на фотографиите. Така што или Фокус не го добил целиот видео материјал, или објавениот материјал не е целосен, или фотографиите се направени независно. Во секој случај премногу „или“.

Дополнето 01.12.2014:

Нецелосна верзија на овој текст е објавена на Курир: http://kurir.mk/makedonija/vesti/180825-FOTO-Sto-pokazuvaat-metapodatoci...

Со ситни измени текстот е објавен и на: Република http://republika.mk/?p=352925, Евести http://evesti.mk/2014/12/01/sto-pokazuvaat-metapodatocite/, Радио Слободна Македонија http://rsm.mk/web/?p=21192, Пулс 24 http://puls24.mk/makedonija/vesti/foto-sto-pokazuvaat-metapodatocite-na-..., Мрежа.мк http://www.mreza.mk/%D1%88%D1%82%D0%BE-%D0%BF%D0%BE%D0%BA%D0%B0%D0%B6%D1....

Дополнето 02.12.2014:

Текстот е во целост објавен на Окно: http://okno.mk/node/42741.

Делови во Вечер: http://vecer.mk/makedonija/n-snimkata-so-pasoshite-ne-e-pravena-vo-maked...

Сите вести од time.mk: http://www.time.mk/?q=%D0%BC%D0%B5%D1%82%D0%B0%D0%BF%D0%BE%D0%B4%D0%B0%D...

Следно на темата: По трагите на новинарските истражувања

Надзорот на сите е статистика

Tags: 

Тоа што го поврзува времето од раните извештаи за тоа дека во Македонија има инсталација на FinFisher, до последните информации од документите објавени од Глен Гринвалд дека Македонија е една од партнер-земјите на американската разузнавачка служба, е молкот во врска со надзорот во Македонија.

Не е само дека медиумите или институциите молчат, молчиме и ние, авторите на изреката: „Ајде, за ова не по телефон“.

Бројките кои исто така бегаат од фокусот на јавноста, која што рака на срце покрај без број глупости е оптеретена и со други сериозни проблеми, се следниве:

Повеќе од половина од испитаниците на анкетата на Македонски центар за европско образование (МЦЕО) (pdf) направена во март 2014 година сметаат дека граѓаните во македонија не го искажуваат слободо своето мислење. Речиси две третини од испитаниците сметаат дека тајните служби ги прислушуваат комуникациите на оние што ги сметаат за противници.

Тоа што го покажаа извештаите на светските медиуми за масовниот надзор на комуникациите е дека дигиталните технологии лесно и ефтино овозможуваат недискриминаторско следење и снимање. Ако се прашуваат тајните служби, сите сме противници.

Со оглед на тоа дека самата идеја за надзор ја попречува нашата способност да мислиме, можеби колективниот молк за надзорот и не е толку изненадувачки. Кога не мислиме ништо, нема што да биде предмет на надзор.

Сепак, тоа што ја прави нашата приказна, овде во Македонија интересна, е фактот што истовремено со ширењето на дигиталниот надзор, ние се занимаваме со расчистување на аналогниот надзор од минатото (лустрација). И додека нашата јавност е бомбардирана со, на пример, приказната на Ристо Шишков кој бил предмет на надзор во комунизмот, нашата приказна останува да чека подобри времиња.

Затоа, можеби нема подобар момент да завршиме со ремикс на цитатот кој што можеби е, а можеби и не е на Јосиф Сталин: „Надзорот на еден е трагедија, надзорот на сите е статистика“.

Прво објавено на: http://it.com.mk/nadzorot-na-site-e-statistika/

Објавено на НоваТВ: http://novatv.mk/index.php?navig=8&cat=6&vest=18334

Објавено на ОКНО: okno.mk/node/42622

Идеи за Студентски пленум

Tags: 

Да не зборуваме однапред за тоа дали е кисел плодот на дрвцето што го пуштило првиот лист.

Обичај е по секое поголемо случување сите да напишеме по нешто за тоа, па така и овој пат за студентските протести против екстерното тестирање.

Сакам да ги ставам во втор план дебатите за тоа дали протестот е политички и дали студентите си го следат својот краткорочен интерес. Одговорот на двете е — да, но овие дебати се парализирачки. Студентите, како и сите млади луѓе, ќе научат.

Наместо тоа сакам да предложам неколку практични идеи што би можело да се спроведат во деновите што следат.

Прво, најочигледното, студентите може да го заземаат „јавниот простор“ на интернет. На твитер тоа се хаштаговите. Имате дебата на пример за #твитернагради и во неа (т.е. со тој хаштаг) вие твитате за студентскиот протест. Лесно е и безбедно. Додава видливост. Може да добиете само малку хејт од интернет.

Второ, студентите може да постават штандови на влезот на УКИМ и да делат на другите студенти флаери со содржина „Добредојдовте во автономната зона, вашите дипломи вредат исто толку колку и на професорите/пратениците/министрите.“

Трето, студентите може да се обратат до своите професори и управата на факултетите: формално преку архивата да побараат информации во врска со екстерното тестирање. Се разбира целта не е да се добијат информации, туку да се затрупа службата со барања; понатаму, студентите можат тивко да го бојкотираат наставниот кадар со „што ќе ве слушаме, и така ќе имаме екстерно“.

Четврто, студентите може да го окупираат јавниот превоз. Автобусите на ЈСП се како подвижни огласни табли. Може да се качите во 5-ка и да се возите од едниот до другиот крај на градот, а на прозорците да поставите хамери „Слободен превоз“, „Превоз на студенти на екстерно“, „Проект на Владата на РМ“ итн. Направете го во вторник и петок и како бонус оставете ги пензионерите на улица.

Петто, студентите може да шетаат низ град како човечки реклами. „Имам екстерно - барам работа“ или слично.

Шесто, и за ова не знам дали е возможно, т.е. дали системот е ист како порано, но студентите може да освојат место во некој студентски парламент од помалите факултети, како на пример ФДУ.

Седмо, студентите може да ги најдат професорите во пензија и од нив исто така да ја побараат поддршката.

На крај, разни настани, приредби, музика, театар, ад-хок активности низ градот. Мислам дека не мора да се објаснува.

Целта на сите овие е да се освои медиумскиот простор кој што е строго контролиран и да се добие нужната поддршка од академската фела.

Останатите, ние што не сме студенти, можеме да помогнеме со:

1. присуство на протестите;
2. пишување до нашите факултети (јас планирам да му пишам на факултетот и да го прашам дали треба да полагам екстерно, што се случува со мојата диплома, итн.);
3. помош за пристап до медиуми или други ресурси.

Протестите може да не успеат, но да не зборуваме однапред за тоа дали е кисел плодот на дрвцето што го пуштило првиот лист. Прво да му помогнеме да порасне.

Ние сме 1 процент

Tags: 

Во неговата анализа на нееднаквоста во Македонија, Бранимир Јовановиќ остава две недовршени: Изворите на богатењето и реакциите на сиромашните. Јас би сакал да придонесам со неколку реченици за двете.

Бранимир наведува три можни објаснувања за нејзините извори во периодот 2005–2010 година: берзата, ниските даноци и високите јавни набавки. Можеби има и други објаснувања, но ми се чини дека покорисно, заради поедноставување, би било наместо набројување да пробаме да ја видиме големата слика: што е тоа што ги обединува сите овие можни точки на богатење?

Кај нас многу малку се зборува за типот на политиките што ги спроведуваат владите на Македонија и за кои, како што е вообичаено, лобираат силните и богати елити. Во последните дваесетина години – всушност од осамостојувањето наваму – тие политики се од семејството што носи познато име: неолиберализам. Ова не е новост, посебно не е новост ако сте студирале економски науки. На нашите економски факултети за неолибералните политики и нивните автори често и речиси без исклучок се зборува(ше) со пиетет, додека економистите со лева ориентација беа внимателно заобиколувани, државата беше оцрнувана и нејзината улога беше демонизирана во однос на слободната рака на пазарот, а достапноста до капиталот беше инфантлизирана преку мантрата „сите може да учествуваат“.

Не знам како е денес, но ако може да се суди по бројот на старт-ап викенди и задолжителните предмети по претприемништво во средното образование, неолибералната патека е добро утабана и сигурно газиме по неа.

Ваквото образование ги менува работите на терен. Ако во деведесеттите години на 20-тиот век сме имале професори, интелектуалци, па и политичари коишто биле образовани поинаку (марксизам и/или самоуправување), кои тогаш наеднаш се запознале со неолиберализам, можеби можеме да дискутираме дека кај нив се јавувала скепса за новиот систем. Но, генерациите што се образуваа во деведесеттите (и подоцна) го немаа тој товар. Јас, како и многу други мои колеги, сум образуван и трениран неолиберал кога станува збор за економските прашања. За нас како група, како цели генерации, не постои друг економски систем вреден за имплементирање во реалноста (поединечните случаи не ги дискутираме).

Но, тоа не е сѐ. Тие од нас што во 1996 имаа 20, во 2005 имаа 30 години и дојдоа на клучни места каде што се креираат државните политики. Владеењето конечно премина во рацете на тренирани неолиберали. Оттука, ние сме образовани адвокати на нееднаквоста. Тоа што нѐ обединува е неолибералната идеологија која што посветено ја имплементираме во нашата држава. Сумирано, богатењето не е случајно, нема инциденти: никој не заработи случајно на берза или никој не доби случајно тендер. Напротив, систематски го правиме тоа што сме тренирани да го правиме. Добро, во Македонија зачинуваме и со корупција.

Сега одиме на второто прашање: Зошто нашите 99 проценти молчат? Но, што друго да прават ако не да молчат? Со кои алатки или ресурси сиромашните би се бореле против системот? Доаѓаме до клучната тема за привилегии и тука навистина нема што да се додаде освен дека нашата елита ќе се погрижи да се одржи статус-кво. Механизмите се познати. Неолибералната идеологија го маскира успехот преку приказните за лични способности наспроти контекстот, шансите и опкружувањето, замаглувајќи ја притоа разликата во значење помеѓу „секој може да успее“ и „сите можат да успеат“. Бранимир вели дека нашите 99 проценти „по природа се такви што не сакаат да реагираат“. Не можам да се согласам со него за ова. Нема ништо природно овде. Тоа е начинот на кој се спроведува образованиeто и тренингот – да не се реагира, да го се прифати системот како единствен можен, и можеби јасна слика на ова дава една мала анегдота на која што се сеќавам од студентските денови: Професорот ја праша групата студенти што мислат кој е подобар систем, овој, тој или оној? Една колешка, секако од подобрите меѓу нас, крена рака и образложи за неолиберализмот, а потоа професорот праша: „Зошто мислите така, кога Вашите родители се без работа поради „либерализирај, дерегулирај, приватизирај?“ На тоа прашање никој немаше одговор.

Но, се разбира одговорот е краток: повеќе слободен капитал кај богатите, за тие да може да инвестираат и да создадат работни места.

На крај, мора да признаам дека ми е интересна дистанцата што се чувствува по последните редови на „Нашите 99 проценти“. Бранимир им се обраќа на сиромашните: „Tрпението нема да ве спаси. Трпението само ќе ве доведе во полоша положба“. За мене интересно прашање за истражување е зошто оваа реченица не е во прво лице множина? Намерно или…? Ако ние, добро образованите неолиберални економисти, не сме во 99 проценти, тогаш мора да сме во 1 процент. Цело е кога има 100.

Прв пат објавено на РСЕ: http://www.makdenes.org/content/article/26692541.html

Објавено на окно 28.1.2015: http://okno.mk/node/44139

Пет итни мерки за надминување на проблемот со сиромашните

Tags: 

Повод: „Нашите 99 проценти“ од Бранимир Јовановиќ

Мачката е надвор од вреќата како што би рекле нашите пријатели од преку океанот. Сега останува да видиме што може да направиме.

Прво, и за ова можеби не треба воопшто да се пишува, ќе се погрижиме за Бранимир. Кога еден од нашите, банкар, финансиски експерт, ќе се одлучи на ваква недискреција казната мора да биде брза и прецизна.

Второ, ќе се подготвиме да ги осуетиме сите обиди на трети лица (на пример на ЛД Солидарност) да го искористат ова за некаков напад кон нас или кон системот што го имаме поставено. Нашите луѓе ќе имаат спремни колумни и интервјуа за слободниот пазар и невидливата рака, неспособноста и мрзеливоста на сиромашните наспроти еднаквите шанси што ги нуди слободниот пазар, и за успешните приказни на обичните меѓу нас.

Трето, ќе ја насликаме сликата за тоа економската добробит на сите зависи од нас и нашите потенцијали да вработиме голем број на луѓе, се разбира под услови нашата финансиска моќ да продолжи да биде нерегулирана. Ќе дополниме со страшните слики за тоа како пропаста следи ако се брцне во нашиот џеб.

Четврто, ќе организираме добротворен концерт или некоја слична донаторска активност каде нашите медиуми ќе нѐ прикажат во добродушно и несебично светло.

Петто, ќе ги сокриеме трагите.

А сега, не губете вре

Зошто Podemos не може да се преслика во Македонија?

Tags: 

tl;dr: Македонија не е Шпанија.

И покрај желбите на луѓето, Македонија не може да има нешто налик на Podemos за 9 месеци. Еве 4 причини зошто:

1. Македонија нема протести за социјални права што траеле 2 години. Шпанската верзија на Occupy постигна многу, но највеќе го отвори просторот за поинакво политичко размислување.

Напротив, Македонија има постојано саботирање и обезмоќување на било каков протест и тоа не доаѓа само од центрите на моќ, туку и од оние кои се барем во начело незадоволни од состојбата во која се наоѓаме.

2. Македонија нема Евро-пратеници. Европскиот парламент е одлична резевна отскочна даска за политичко делување во рамките на ЕУ. Секоја држава има свои incumbent партии кои не даваат многу простор, но ЕУ парламентот е променлив пејсаж. Може да се настапува без да им се бркне директно во џебот на постојните, и таму да се гради платформа и да се создава политички капитал. И секако да се добива air-time во медиуми.

3. Македонија нема традиционална скепса кон центарот, нема независни региони што пробуваат со години наназад да смислат поинакви начини на работење или владеење.

4. Македонија нема универзитети, синдикати и медиуми. Full stop.

Градовите се една од иднините: Кратко за државите и што доаѓа по нив, по вчерашното предавање во ИОХН-С.

Tags: 

Вчера бев на „Борба со национализмот – кон политика на еманципација”, и, веројатно вообичаено за левичарски настан, се постави прашањето: што (ќе) има по државата?

Еден од можните одговори (што сум го собрал гледајќи TED видеа) е: градовите.

Повеќе од половина од целокупната светска популација живее во градовите. Тие сигурно имаат и голем удел во светскиот БДП, а кога сите градоначалници би формирале Организација на обединетите градови, нивниот сојуз би бил силен трговски блок. Прашањето „Може ли ова да се случи?“ е неодговорливо исто како што пред 400 години никој не можел да одговори дали нациите-држави ќе се случат.

Сепак, ова останува да биде солидна идеја за секој што сака да размислува за намалувањето на силата на неолибералната држава (каква што сѐ повеќе е и Македонија).

10 проблеми што ќе останат ако утре Грција ја признае Македонија под уставно име и Македонија влезе во НАТО и започне преговори со ЕУ.

Tags: 

Или, 10 идеи за активизам.

Порано можеше да го обвиниме Белград. Сега само Скопје.

Македонските елити во последните 25 години не решиле ниту еден проблем на граѓаните. Напротив, проблеми создавале.

10. Вода за пиење. Гевгелија пие вода со арсен. Скопје има азбестни цевки. Неготино има рестрикции, а Св. Николе нема вода воопшто.

9. Воздух. Скопје е прв или втор најзагаден град во Европа. Битола под РЕК исто се гуши.

8. Ѓубре. Тетово, полошка депонија.

7. Греење. Скопје е единствен град со централно греење. Половина исклучен.

6. Превоз. Нема железница, нема добра патна мрежа, нема трамвај или слично во главниот град.

5. Секаде има невработеност и сиромаштија.

4. Генерациски јаз. 200 или 500 илјади помалку луѓе во земјата, најголем дел млади високообразовани.

3. Недоверба меѓу Македонци и Албанци. Да не ги набројувам другите мнозинско-малцински проблеми.

2. Корупција. Не можеш да напишеш „корупција“ без да напишеш „и ја“.

1. Тапа фудбалска репрезентација.

Македонската приказна е националистичка

Tags: 

Има еден интересен цитат бапнат на македонски на англиската верзија на статијата за „Крушевската република“. Цитатот е на Блаже Ристовски, од книга издадена во 2001 година:

“Беше наполно прав и Мисирков во своjата фундаментална критика за Востанието и неговите раководители. Неговите укажуваньа се покажаа наполно точни во послешната практика. На пр., во ослободеното Крушево се формира градска управа составена од “Бугари”, Власи и Гркомани, па во зачуваните писмени акти не фигурираат токму Македонци(!)…” Блаже Ристовски, “Столетиjа на македонската свест”, Скопjе, Култура, 2001, стр. 458.

Ристовски, очигледно како и Мисирков пред него, констатира дека токму национализмот (Македонија на Македонците) недостасува во илинденско Крушево. Ова е првиот краток (10 дневен) период кога е очигледно дека револуционерите не биле националисти, или ако биле, тоа било во втор план.

Вториот краток период е 1941 (или 1943 зависи како броите) до 1944 или 1948 (исто така зависи како броите) — т.е. периодот на НОБ (секако НОБ е оној период кога комунистите се справуваат со окупаторот, но и со националистите, види граѓанска војна итн.) до формирањето на Македонската република во СФРЈ (ФНРЈ) или до спорот СССР-СФРЈ — т.е. замерката на Сталин дека Тито се свртел кон национализам.

Дека не е само „замерка“ секако зборува тоа што во многубројни документи / истражувања стои дека една од клучни компоненти на Титовата Југославија е фаворизирањето на малите (новите) национализми (Македонија, БиХ и Црна Гора) наспроти големите (старите) — Србија, Хрватска, Словенија. Секако не било тоа строг рез од антифашистичкиот НОБ кон Македонија на Македонците, но битките се добивале постепено: 1952 со Лигата на комунисти, 1974 со новиот устав… воглавно победувале националистите, како и што победија во 1991 формирајќи конечно Република Македонија на Македонците. (Одличен текст на овие теми е секако овој на Јовиќ што го имам линкано безброј пати.)

Сега, како што добро се сеќавате, тој проект воглавно е / беше неуспешен затоа што воглавно не им се допаѓаше на Албанците (исто така добро објаснето во горниот текст). Така ексклузивната држава доби нова форма, но сеедно, национализмот е преовладувачка тема и сега, иако е (како да речам на македонски ?) — компартментализиран.

Сето ова ги прави малку смешни спомениците од Илинден и тие од НОБ (иако нив ги има помалку), затоа што тие споменици сакаме/сакаат да бидат интерпретирани во таа националистичка приказна. Правни смешни и многу други работи, но ајде да не должиме.

Втората опција е секако Блаже Ристовски да не знае(л) што пишува и овој текст веќе од првата реченица да нема смисла. Што знам, вие одлучете.

Некои идеи за активизмот што нема да ги примениме: Пост-11 октомври мамурлак

Tags: 

Приказната оди отприлика вака.

Кога граѓанското движење за човекови права на афро-американците било соочено со постојан притисок од страна на белите власти во САД, тие решиле да прават сѐ по закон и се подредиле во сликата за тоа што во тоа време се сметало дека е слика на добар и чесен граѓанин: облекле одела, протестирале мирно, оделе наместо да трчаат и ред такви работи што ги направиле нивните битки да изгледаат нормално во очите на белците. (Не можам да понудам URL за ова бидејќи го слушав на предавање.)

Тоа што тие го покажале со ова однесување всушност е масивна координирана акција на отпор која што секогаш не им била удобна или по ќеиф: на пример кога морале да одат по жешкиот асфалт облечени во одело и кравата — колку да именувам еден банален, но секако значаен дел од сета таа иконографија.

Зошто овој историски пример?

Секојдневно добиваме извештаи (или пишуваме извештаи) дека во Македонија има селективна примена на правото и дека тоа е токму одлика на систем кој што не е демократски. Селективната примена на правото значи дека сте во милост на власта. Денес правите прекршок и тој гледа на друга страна и поминувате неказнето. Утре не е така, или не е така за некој друг. Која е тогаш најдобрата шанса да се пружи отпор?

Мојата хипотеза е дека најдобриот метод е постојано и целосно почитување на законите, и тоа тие што токму се користат за регулирање на хедонизмот, така што тоа ќе делува парализирачки за повеќе стејкхолдери. На пример, кога правите активистички собир (како тој вчера во парк за 11 Октомври) не точите алкохол, затоа што така не сте во милост на полицијата што може да ве казни за пиење алкохол на јавно место. Но, поважно и покомплицирано, си одите од сите кафулиња уште во 23.45, кога законот вели дека се работи до 00.00, иако знаете дека веројатно повеќето имаат дил со полицијата и други да останат отворени до подоцна. Така ќе влијаете на нивниот финансиски ефект. А нив тоа најмногу ги боли (една поента е дека борбата против Мубарак баш добила на залет кога туристичката индустрија почнала да губи пари). Оваква акција очигледно ќе треба да биде координирана и секако меѓу другото ќе постави прашање што сѐ се способни да направат овие координирани луѓе?

Потоа тука се напрегањата на институциите што на пример доцнат со некаков одговор на некое прашање. Замислете многу граѓани да напунат некое одделение со барања за нешто. Но, да обезбедат физичко присуство. Како голема колона што чека на пример на мост? Ова се силни симболични пораки, но и практични методи за кревање на свесност. (И да, направени се и другде.) Законот за сообраќај со високите казни? Замисли илјадцни луѓе на двете страни на раскрсницата кај Влада, Рекорд, Суд и сл. да чекаат зелено.

Молк (На Игор Г.)

Tags: 

I

Поглед маглив и тажен што бега од други очи
додека ја пиеме првата кригла разговорот е кревок
Tочи!

Алкохолот наскоро ќе удри и јазикот патувањето
ќе го почне
По лесни шеги и случки сме биле тука и претходно
порано, завчера, минатата недела, во мај, во февруари,
лани и пред тоа и попосле кога
Ќе одиме по улиците и сокаците
познати катчиња и ќошиња
ќе се смееме и повеќе, ќе се глупираме и повеќе
ќе пееме и повеќе од тоа, од сѐ
на местата што се наши
што на младост нѐ потсетуваат
кога таму долеваме уште една чаша
што плановите ни ги празнуваат
кога таму иднината ја замислуваме
што сеќавањата ни ги чуваат
кога таму на уво шепотиме
што љубовта ја возбудуваат
кога таму на познатиот ритам играме
Тука сме и онде и потаму
низ чаршија, низ парк, низ градот
покрај река, на Водно
јас и ти, до Јас и ти
и топол бурек
додека не се приближи часот за сон
за работа, за сон.
И нема да прозбориме
како и претходно и порано и завчера,
и минатата недела и во мај и во февруари
и лани и пред тоа и попосле кога
Ќе одиме по улиците и сокаците
туѓи катчиња и ќошиња
ќе се расправаме и повеќе, ќе викаме и повеќе
ќе плаќаме и повеќе од тоа, од сѐ
на местата што не се наши
што на смрт нѐ потсетуваат
кога таму слушаме уште една лага
што плановите ни ги понижуваат
кога таму хоризонот го кријат зад ѕид
што сеќавањата ги осакатуваат
кога таму не можеме да бидеме сами
што љубовта ја казнуваат
кога таму ритамот оди по дневен ред
Тука сме и онде и потаму
низ ходници, низ канцеларии, низ згради
покрај река, на Водно
јас и ти, до Јас и ти
со жед за заборав на денот
додека сонот не се потопи
вечерва, без сон.

Поглед лажлив и уплашен што бега од други очи
додека се затвори последната врата нема да прозбориме
молчи.

II

Малку сме.
Дишеме со носталгичниот поглед на другарите.
Малку сме.
Генерацијата од далеку нѐ гледа.
Малку сме.
Веруваме во приказните од детството.
Малку сме.
Лагите ни го окупираат вниманието.
Малку сме.
Исполнуваме стари ветувања.
Малку сме.
Времето безмислосно нѐ ситни.
Малку сме.
Одиме кротко покрај ѕидот.
Малку сме.
Стравот ни тропа во срцето.
Малку сме.
Го гледаме небото што се затвора.
Малку сме.
Гласот ни се губи.

III

А таа вечер
кога пијачката ќе биде само една
кога гласот ќе биде полн
со нетрпеливост за следното утро
некаде далеку од тука
Таа вечер ќе дојде
и тогаш, знам
повеќе нема да можам
да пишувам како седиме заедно
да раскажувам како пиеме заедно
да зборувам како зборуваме заедно
да се радувам што сонуваме заедно
тогаш мојот глас ќе остане сам
јас
без ти
без ние
Тогаш, искусурен до крај
ќе го спакувам и мојот куфер
и ќе го сркалам по подвижната лента
и ќе го оставам ова место на сеќавањата.
Таа вечер,
ќе заборавиме на плановите
на желбите, на посакувањата
на сѐ што тука нѐ тоне
ќе дозволиме рамнодушно
нашите места
за последен пат да ни бидат дом
нашите зборови
за последен пат да тлеат во воздухот
нашите очи
за последен пат. да бегаат едни од други
Таа вечер – збогум!
ќе нѐ снема од товарот на ова место
Таа вечер – збогум!
ќе нѐ заборави ова време
Таа вечер – збогум!
Збогум.

Пет филмови што може да ги гледате пред следниот линч

Tags: 

Јас ќе го гледам „Do The Right Thing“. Тој е шестти.

1. To Kill A Mockingbird

Одлично филмување на уште подобрата книга на Харпер Ли, но уметнички дострели не е тоа што бараме сега. Филмот слика дел од животот на еден црнец до неговата смрт во јужна САД, откако белецот со кој што никој не сака да се замери го обвинува дека ја силувал ќерка му. Ако сте адвокат можеби ќе сакате да го погледате Грегори Пек како го создава „role model“-от за американскиот адвокат. Ако не, можете да видите што би требало да сторите за да се осигурате дека обвинетиот ќе го јаде.

2. 12 Angry Men (или ТВ)

Уште едно книжевно дело претворено во филм. Дванаесет бели поротници што не сакаат да бидат таму мора да одлучат дали младото црнче навистина е виновно како што тврди белиот обвинител во белата судница. Кој да застане на страна на детето? На тема „role model“ уште еднаш главниот лик ни покажува како треба да се однесува еден поротник. Но, не берете гајле, македонскиот правосуден систем нема порота.

3. Amos and Andrew

„Ако видиш црнец со музички систем во рака, тогаш знаеш што прави тој — краде.“ Смешниот тон на филмот нема да ве спречи да ја видите лажната толеранција и широкогледост на средната класа, а посекако нема да ве спречи да видите како да ја запалите куќата на комшијата. Ако баш мора да гледате еден филм со Николас Кејџ, тогаш тоа нека биде овој.

4. A Bronx Tale

Момче се сретнува со девојче, момче се заљубува во девојче, момче вели дека братот на девојчето е глуп црнец и… знаете дека тоа е филм за вас затоа што ги имате црнците што минуваат низ белечкото маало, и таму ги пречекува маалската екипа и ги крши од ќотек. Се фрлаат молотови коктели, се кршат дуќани, неколку вжештени глави умираат.

„Nobody cares“ — нели Сони?

5. District 9

Но чекајте, зошто воопшто да ви поминуваат низ маало? Додека се спремате за следниот линч видете како ефективно да се изгради ограда. Малку војска, малку полиција, малку пара-восјка-полиција… што има врска. Осигурајте се дека ќе останат сиромашни, без ресурси. Се разбира, бизнисмените ќе сакаат да помогнат во тоа.

Неколку поенти за настаните во Ѓорче Петров: Мај 2014. Со надеж дека нема да се повтори.

Tags: 

Текстот подолу е одговор на твитот на azazelo:

па уште во СФРЈ важеше„не си АЛБ ако не носиш оруж.“,наместо АЛБ да работаат на менување на оваа лоша традиција

https://twitter.com/azazelo_s/statuses/469127107197796353

и оригинално е објавен на twitlonger. Го додавам и овде заради подобро памтење.

Мислам дека е страшно тоа што го пишуваш „важеше „не си АЛБ ако не носиш оруж.“…“ не само затоа што мислиш така, туку затоа што (ми се чини) сакаш да оставиш впечаток дека многумина мислат така. (ОК, моето искуство со bullies и ножеви секогаш било со Македонци — па можеби затоа сум толку зачуден). Но, да одиме со ред.

Прво, мислам дека одлика на разумни луѓе е да го менуваат своето мислење како што нови информации стануваат достапни. На почеток имавме една приказна во медиумите (тој бил сам, се шетал, го видел точакот, тие биле 3-4, го збуфтале…). Потоа дојде другата приказна, која е и далеку поверодостојна, т.е. дури и таткото признава дека го бркале момчето (а не го вели тоа само МВР, Курир, Фокус или кој и да е спинер). Зарем вакво сознание не треба да го смени нашето мислење за настанот? Зошто е толку тешко да се помисли на самоодбрана? Дали ти мислиш дека ако некој да те брка со возило 20 минути, ќе се чувствуваш како да *не* ти е загрозен животот? Веројатно уште детали ќе излезат во јавност и ако тие се нови и различни ние би требало повторно да ги анализираме и да донесеме поинаков заклучок ако дедукцијата не доведе до таму. На пример, ако на оружјето полицијата најде само едни отпечатоци, тогаш тоа е една приказна, ако најде два пара друга, а и уште 2-3 приказни во зависност од тоа каков е ножот (што ако е кујнски и таму има отпечатоци на мајката што останале од порано?) Дали тоа ќе значи дека таткото и синот тргнале со намера за фатална пресметка со крадецот? Ова се сериозни прашања и јавноста (ние) и секако одбраната имаат право да ги поставуваат. Секако, ако камерите од болницата покажат повеќе од 2-3 лица како се борат, тоа уште повеќе ќе ги смени заклучоците што ги носиме. Можеме да се надеваме дека за сите овие работи ќе има due process и можеме да ликуваме дека никогаш нема да се дознае што се случило (пошто МВР ќе заташка, Грујо и Али ќе се договорат итн.) Но, дури и да се случи тоа, полицајците претходно сигурно ќе ја утврдат вистината. Затоа што единствен начин вистината да се скрие е таа да се знае целосно.

Второ, тоа што родителите молчат за овие факти што до сега се знаат се движи од загрижувачки до одвратно. Веројатно и таткото на Ангел ќе дојде до сличен заклучок штом му помине шокот: Секој родител што не го осудува тоа што татко му дозволил на син да тргне во некаква си потера (имал или немал стереотипи за способноста и наоружаноста на тој по кој што тргнал) треба да си ја чукне главата. За ова нема дебата. Не сум родител и не знам — но ми се чини дека јас да сум во ситуација кога синот ќе беснее да трча по некој што сакал да му украде точак ќе му влепам шамар и добриот ќотек (што ти го спомнуваш) ќе дојде од моја страна кон моето дете затоа што се занесувало да стане некаков си филмски осветник.

Трето, молкот на јавноста кон последователното сценарио кое што очигледно е организирано од партиски центар во соработка со полициски структури е уште повеќе загрижувачки, како што е и самиот чин што тие одлучиле да го прават. Не, немаат право граѓаните на Скопје да дивеат на ваков начин и полицијата не смее да го дозволи тоа. Ако имало кражби и порано не треба да ја запалат населбата. Впрочем, знаеш, кога се искрени протестите и се затоа што јавноста е загрижена — тие се мирни и се како молба, а не се насилни и како закана. Овој молк можеби ќе не` замолчи за долго време. Нема друго што да се рече освен дека стравот сега е многу, многу поголем затоа што теоретското нема кој да те брани од насилници, сега се претвори во практично. Сети се само на легендарната „Ти нема да ми го кршиш Белград“ кога некои навивачи правеа лом кај Мекдоналдс. Деновиве властите рекоа кршете. И веројатно си направија вежба во ЃП место на Криволак. (Ми се чини дека ти не твиташе ништо на оваа тема, и извини што оди ова во одговор кон тебе, но ете имаше и такви твитови, па да го додадам ова пред да стигнам до крајната поента.)

Четврто, и последно, жалам што мислиш дека Албанците се тие што треба да се борат против стереотипите. Ако си го гледала http://www.imdb.com/title/tt0106266/ можеби се сеќаваш на „ако видиш црнец со стерео, тогаш знаеш што прави — краде“. Твоето е буквално така — „ако видиш Албанец тогаш знаеш дека има скриен нож“. Ова е стереотип што го создава доминантната група: „Циганите ќе те украдат“ — му вели мајката на дететео, „Шиптарите ќе те убијат“. Исто како во црно-белите односи во САД и во машко-женските односи (т.е. феминизмот) поголемиот дел (можеби најголемиот дел) од одговорноста за надмиување на разликите меѓу групите паѓа на доминантната група (во нашиот случај на мнозинската група — Македонците). „Ако видиш жена во канцеларија — мора да е секретарка?“ — вака можеби полесно се илустрира ова. Значи, случајов на страна (затоа што како што реков во 1 може се` уште да дознаеме нови работи) тешката работа за надминување на недовербата и стереотипите е кај Македонците. А тие само што гласаа во мнозинство за опција што барем номинално не сака да преговара со другите. Би рекол на крај — во ваква ситуација, господ нека ни е на помош. Ама не сум религиозен. Со тоа толку.

Кога е тишина најлесно се слуша: За нашиот постојан молк за надзорот под кој живееме

Tags: 

Пред точно една година Арангел Ангов пишуваше за тогаш новооктриениот ФинФишер во Македонија. Сепак, темата не привлече поголем интерес. Со исклучок на IT.com.mk и НоваТВ никој друг не известуваше за откритијата од Универзитетот во Торонто.

2013 продолжи да тече со нови и нови известувања за надзорот на комунациите благодарение на работата на Глен Гринвалд и Гардијан, на основ на материјалите кои ги предал Едвард Сноуден, но ние овде речиси и да не се заинтересиравме тие за детали.

Сега конечно, можеби има нешто кон што може повнимателно да го свртиме нашето внимание. Новата книга на Гринвалд (штотуку издадена) содржи информации кои досега беа непознати. Од интерес за македонската јавност се овие две сликички:


Партнери во програмата за надзор — извор: http://en.wikipedia.org/wiki/No_Place_to_Hide_%28book%29


Фондови за партнерите — извор: Но http://en.wikipedia.org/wiki/No_Place_to_Hide_%28book%29

Погоре може да се прочита името на Македонија меѓу партнерите вклучени во програмата за надзор, како и тоа дека државава добила околу 100.000,00 долари (колку што може да се интерпретира графиконот) за своето учество во неа.

Не се надевам дека некој овде ќе постави тешки прашања до надлежните институции за тоа што значат овие откритија, кои се последиците, што, кога и колку се надзира итн. Собранието не функционира ни кога во него има 123 пратеници. А за медиумите, не се ни сеќавам дали некогаш биле, макар и малку по теорија, кучиња чувари.

Ова кратка белешка нека стои колку некогаш во иднина да видиме каде сме биле и зошто, колективно, како општество, сме решиле да молчиме.

Потенцијал за нова политичка култура

Tags: 

Дали изјавата на Зоран Заев ќе биде истрел во празно или навистина ќе се отвори поширок простор во политичките партии

Сакав да пишам нешто повеќе за наводната изјава на Заев дека СДСМ треба „да привлече(ме) повеќе луѓе надвор од нашата партија“, ама почнувам и застанувам неколку пати, па затоа еве ги кратките белешки овде:

1. Ако е вистинита изјавата (и намерата), тогаш тоа е голем исчекор на партијата кон разноликост и прифаќање на различни идеи. Како последица, тоа ќе ја направи партијата уште поранлива на напади од оние места со постегнати идеолошки основи. Исто така, од неа ќе се одлеат многу што не ги мирисаат „луѓето од надвор“.

1а. Ако е вистинита изјавата, тогаш тоа значи и дека ова е признавање на тоа дека СДСМ повеќе не е партијата на големиот капитал (ако воопшто некогаш бил? Фершпет итн.)

2. Потенцијалните луѓе од надвор ќе донесат различни општествени групи внатре и дебатата таму ќе се диверзифицира уште повеќе. Стигнувањето до единствен глас ќе станува покомплицирано.

2а. Што и да преостанува од „големите пари“ веројатно ќе замина кон ВМРО-ДПМНЕ кои секако (и по идеологија и по хиерархија) се попривлечни за таа група на луѓе.

3. За жал „експертите“ несомнено анонимни мислат дека „без единство нема успех за СДСМ“. Не знам како да замислам разноликост и единство, па ова ми личи дека некој сепак сака партија со полесно обединувачки идеи. Можеби пред да се случи расплетот, ќе има уште еден обид за посилен стисок во раководството.

A longer read од кој ќе сфатите сенешто: The Political Culture of the Democratic and Republican Parties by Jo Freeman

За надзорот како еколошки проблем и кратко за економските алатки за решенија во екологијата

Tags: 

Ќе користи ли некој gmail ако за него треба да плати данок?

Минатата година Ебен Моглен одржа серија предавања за откритијата на Едвард Сноуден и последиците што тие ги предизвикуваа(т).

Една од клучните поенти во овие предавања е во третиот дел каде Моглен почнува да зборува за приватноста и нејзината загуба како еколошки проблем:

I would ask you also—in thinking analytically about this substance “privacy” whose continuation I am asserting is essential to democracy’s survival—I would urge you also to consider that privacy is an ecological rather than a transactional substance. This is a crucial distinction from what you are taught to believe by the people whose job it is to earn off you.

The reason that we have to think about privacy the way we think about the other ecological crises created by industrial overreaching is that it is one. It’s that we can’t avoid thinking about it that way, no matter how much other people may try to categorize it wrongly for us.

Од економска гледна точка на еколошките проблеми се гледа со помош на т.н. екстерни ефекти. Екстерен ефект во оваа смила е било која корисност или трошок која што ја добива / трпи некоја страна која тоа немала намера да го прави. Екстерните ефекти можат да бидат позитивни или негативни. Но генерално кога зборуваме за екстерни ефекти, најчесто мислиме на негативните. Загадувањето на воздухот е очигледен пример.

Негативните екстерни ефекти во смисла на кризата со надзорот на интернет се тоа дека дури и да не користите електронска пошта од на пр. gmail сепак праќате пораки до некој што користи и со тоа ја изложувате вашата комуникација на надзор. Во суштина, колку и да изгледа контраинтуитивно, еколошката криза ја создаваат корисниците на сервисите како gmail (и самиот gmail се разбира) бидејќи ве изложуваат на трошоци (ерозија на приватноста) што вие не сте ги посакувале (очигледно — бидејќи ете си користите сопствен сервер за електронска пошта). Слично како кога возите точак и ги дишете издувните гасови на автомобилите што ги возат вашите комшии, пријатели и сограѓани, кога сурфате ги трпите негативните ефекти од мрежата во која учествувате.

Економијата се обидува да се справи со овие проблеми (на загадувањето) прекуалатки како што е „принципот загадувачот плаќа“. Поентата на ова е дека страната што е одговорна за загадувањето треба да ги сноси сите трошоци, вклучувајќи ги и оние кои се екстерни — т.е. влијаат на пошироката средина.

Оттука, ако го растегнеме принципот до ИКТ средината, државата, како на пример Бразил, може да го регулира надзорот од страна на странските агенции над своите граѓани со тоа што ќе го примени принципот загадувачот плаќа на оние граѓани што користат сервис за електронска пошта за кој се знае дека до него простип има НСА. Во основа ова би бил даночен товар за тие корисници. Приходите од тоа понатаму би можеле да одат за подобрување на домашната ИКТ инфраструктура.

Што би направил Брајан Боитано на претседателските избори во Македонија? - Набрзинка за изборите 2014.

Tags: 

Па, го правевме муабетов денес на кафе со Игор во присуство на високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ на соседната маса, така што ајде да го пишам и вака на интернет.

Најверојатниот начин Стево Пендаровски да биде следниот Претседател на Републиката е да победи во прв круг.

Втор круг ќе биде тежок затоа што ќе има и парламентарни гласања, повеќе притисоци, гужви итн. Ако воопшто има
втор круг за Стево.

Да сум јас ВМРО-ДПМНЕ ќе гледам да ги пресметам бројките во втор круг да оди Иванов и кандидатот на ГРОМ и потоа е лесна работа. Ако ДУИ навистина бојкотира, како што најавуваат, бројките веројатно може уште полесно да се пресметаат.

Според некои податоци што ги гуглам минатиот пат Иванов освоил 106.286 гласови, а Фрчкоски 63.645. Ако ВМРО-ДМПНЕ може да си гарантираат повеќе гласови од ова, тогаш може да ги поделат во прв круг (а неважечки ливчиња за Стево сигурно исто би помогнале) и битката е добиена. Некој што ги следи актуелните бројки може да допише колку е ова веројатно и возможно. (Можеби дури собирањето потписи за Иванов и за кандидатот на ГРОМ беше тест на овој модел.)

Од друга страна Стево нема шанса да победи во прв круг без поддршка од ДУИ. А СДСМ нема што баш да им понуди ним -- бидејќи горе-долу сѐ си имаат (Можеби шеф на кабинет да биде Албанец? Ама тоа и не е којзнае каква зделка). Но, иако зделки сигурно ќе се прават, тоа што ќе биде потребно е моментум дека првиот круг е клучен за многу повеќе работи од политичката кариера на Стево, па и на другите од СДСМ.

Најдобрата кладба на ВМРО-ДПМНЕ веројатно е дека СДСМ нема капацитет да направи таков моментум.

Кој е Брајан Боитано? (За оние што не знаат.)

Зошто „Гоце Делчев“ нема да го спасат студентите што живеат таму?

Tags: 

Привилегија е зборот што се чита кога ги читам сите коментари за „Гоце Делчев“

Сум бил во „Гоце Делчев“ два пати. Тоа беше помеѓу 2002 и 2004. Уште тогаш ситуацијата во домот беше очајна. Не се сеќавам точно, но ми се чини дека луѓето што ги посетив тогаш, доаѓаа порано затоа што мораа да најдат соба со некакви подобри душеци — веројатно некои на кои што може да се спие. Потоа ги преместуваа душеците од таа соба во нивната која што, ако воопшто имаше, имаше душеци од кои висеа федерите.

Несомнено, ситуацијата денес е полоша одошто што била пред 10 години. Но, факт, ситуацијата и во 2004 беше очајно лоша по било кој стандард. И факт, секој кој имал барем некаков познаник од факултет со кого скршил бар два лафа муабет знае за ова без разлика дали ги видел дистописките слики на ентериерот или не. Со други зборови ова не се вести.

А сега, еве уште нешто што не е вести: студентите што се во „Гоце Делчев“ најверојатно нема да се побунат за ситуацијата во која се наоѓаат. Не се побуниле ни во 2004, ни во 2007, ни во 2010… Во суштина назад сме на дискусијата за привилегија и во крајна линија неможноста на тие што се во привилегираната група да го препознаат тоа и да понудат солидарност.

За сите од Скопје, обидете се да сетите дали некогаш сте спиеле на душек од кој федерите бодат нагоре во вашето торзо. Или замислете дали можете да живеете со стотина евра месечно? Под претпоставка дека студентите плаќаат 55 евра за сместување во „Гоце Делчев“ и добиваат некој сличен џепарац од дома. Споредете го тоа со вредноста на леглото во просечен скопски дом, ручеците на мама и искачањето на кафе. Позицијата на децата што престојуваат во „Гоце Делчев“ практично е незамислива за било кој што се вклопува во скопскиот профил. Така, мора да ни биде јасно дека во „Гоце Делчев“ се најсиромашните наши сограѓани. Тоа се деца чии што родители немаат роднини во Скопје, немаат стан во Скопје, немаат пари за кирија за стан во Скопје или било која друга варијанта. Од дома веројатно се пратени со мислата дека во Скопје треба да учат, за да завршат и да најдат подобра работа за подобар живот. Никој таков човек нема да ја ризикува таа шанса затоа што другата опција е враќање назад во сигурна сиромаштија.

Затоа всушност повиците за тоа студентите од „Гоце Делчев“ да се организираат и сами да си помогнат се цинично ликување од класата што може да си помине (и/или си поминува) подобро. Вистинската помош треба да дојде во форма на протест на колегите кои имаат повеќе. Институциите да се напнат преку луѓето кои им се поблиски на тие институции. Со други зборови — да се покаже солидарност. Потоа сиромашните студенти ќе се придружат, а и да не се придружат —обидот да им се помогне ќе си фати свој тек. Сите други варијанти се игнорирање на фактичката ситуација и замижување пред класниот јаз.

Секако, ова не значи дека меѓу 1200 деца во „Гоце Делчев“ нема некои што се целосно свесни за ова. И тие можеби можат да застанат во првите редови. Сепак, редовите зад нив мора да ги пополни „средната класа на Скопје“.

Под туѓото небо

Tags: 

Истражување на животната средина беше името за односи со јавност на безбедносната единица што се занимаваше со контрола на популацијата во ЗИНО: загадена и непријателска област.

1.

Полиците за книги беа кутнати на подот. Ги одмина прескокнувајќи и се качи по скалите на горниот кат. Касите на вратите зјаеа празни. Без да погледне продолжи право кон просторија што некогаш била тоалет. Плочките беа напукнати, а чешмите откорнати. Се наведна долу и од ѕидот извади неколку парчиња. Се соблече и ги турна алиштата и ранецот низ процепот, а потоа помешечки се протна низ него. Како крт назад исфрли купче земја за да го маскира отворот.

Малата соба на другата страна ја осветлуваа два автомобилски фарови приклучени на акумулатор. На импровизирана маса беа распослани неколку големи листови харитја. Ѕидовите беа излепени со мапи што личеа на планови од градот.

Од ранецот извади неколку парчиња кора од дрво и се наведна над масата. Невештите цртежи, бледи копии од некоја книга, прикажуваа мали темнозелени ливчиња. На ќошот на листот со широки ракописни букви беше запишано: Lecanora conizaeoides. Под тоа: Барај ги овие. Ги стави корките покрај цртежите и почна да ги набљудува со парче скршена лупа. Ги напрегаше очите неколку минути пред длабоко да воздивне. Ги собра корките во кутијата под масата. Лицето му издаваше разочарување.

2.

Безбедносните служби не беа невообичаена глетка во паркот, но големиот шлепер што се паркираше покрај малото езерце ги изненади сите што тоа претпладне беа дојдени да се прошетаат низ градското зеленило. Лентите за предупредување речиси незабележително го заобиколија паркот. Службениците почнаа да монтираат конструкција околу езерцето. Неколкумина други ја испразнија водата со пумпа. Небесно сината површина на дното на базенот блескаше под априлското сонце. Неколку луѓе во целосни био-костуми се симнаа кон дното.

Оштрото сечиво ја расече мазната површина и од дупката се наѕре голема метална шахта.

- „Ни треба дигалка за ова.“ - прозборе еден во својот комуникациски уред.

Над нив неколкумина мафтаа со рацете додека возачот на шлеперот ја спушташе металната конструкција во празното езерце. Највисокиот ја прифати куката и ја прикачи на шахтата. Парчето метал се крена нагоре како да е хартија. „Кој оди прв?“ - со насмевка праша највисокиот додека се обидуваше да го придржува клатното. Другите немо гледаа. Останатите од горе стркалаа неколку скали. Долги, тенки и тесни пластични јажиња исчезнаа во двометарскиот радиус. Во базенот кранот спушти неколку кутии полни со рефлектори.

Био-костумите се спуштаа по скалите во длабоката темна дупка на врвовите на јажињата ги монтираа рефлекторите.

- „Вклучи.“ - се огласи повторно првиот кога последниот од нив се качи горе.

Светлината издаде нешто што во дупката изгледаше како чад или прашина. Околу нив веќе беше кренат шатор. Се слушаше само бучењето на вентилацијата.

Ситен човек влезе во шаторот и почна да дава наредби.

- „Докторе“, - се обрати кон еден во био-костум, - „Дозјнајте што се случува долу, но не заборавајте дека ова е полициска акција. Немаме многу време. Ајде!“

Овој климна со главата. Дваесетина во воена опрема се спуштија по скалите. По нив кранот спушти неколку големи контејнери. Луѓето во био-костумите ги подаваа надолу своите кутии со ознака Кршливо.

- „Спремни за диета?“ - се обиде повторно да се пошегува највисокиот. Докторот со главата го насочи кон дупката што зјаеше. Во одблесокот на неговата заштитна маска се гледаше лицето на ситниот.

- „Немој да изгубите некој од овие.“ - рече тој мафтајќи со зелениот плоснат уред пред да го слизне во џебот и исчезне надвор во сончевото претпладне.

3.

- „Не е толку лошо.“ - промумла највисокиот додека сркаше од една конзерва. - „Прв пат долу?“ - се обрати кон девојката што седеше до него. Таа го избегна неговиот поглед.

- „Доста Петар.“ - викна докторот од другата страна.

- „А што да правиме додека го обезбедуваат периметарот.“

- „Јади си ја конзервата.“ - врати таа.

Шаторот не изгледаше како којзнае што однадвор, но внатре беше полн со опрема. Мала лабораторија се криеше под маскирната церада. Ознаките и логото на ИЖИС беа отпечатени на сите уреди и алатки. Истражување на животната средина беше името за односи со јавност на безбедносната единица што се занимаваше со контрола на популацијата во ЗИНО: загадена и непријателска област. ИЖИС беше компактна и подвижна организација што се грижеше за вентилацијата и испуштањето на отпадот. Нивна задача беше да обезбедат доволно воздух и храна за неколку десетици илјади зиновци што живеја под сводот да можат да преживеат, но и да не се побунат. Нивната официјална мисија беше спречување на идни еколошки катастрофи и чистење и оплеменување на загадената и непријателска област. Нивните вооружени единици ја правеа нивната работа лесна.

Весна беше нова во ИЖИС. Нејзината работа воглавно се состоеше од подготовка на примероци кои потоа ги набљудуваше докторот Висла. Згрбавен и со испиено лице Висла ретко го креваше погледот од неговиот таблет и микроскоп. Очите му изгледаа како да се постојано насолзени. Неговите наоди се шифрираа и праќаа нагоре во хиерархијата на ИЖИС. Весна се сомневаше дека никој освен директорот не ги гледа. Тоа исто така беше нејзината работа. Се сеќаваше на разговорот од пред неколку недели: Исполнетиот ресторан зуеше. Спроти неа седеше дебел човек. До него седеше ситниот наредбодавател од ИЖИС. Дебелиот човек се навали над масата и го рашири лицето.- „Ќе одиш со следната експедицја.“ - ѝ рече. Таа кимна. Дебелиот се врати во своето столче. - „Тргнувајте што поскоро.“ - заповеднички рече дебелиот. Тоа беше краток разговор.- „Мора да внимавам на Петар“ - си мислеше Весна. Во неговото досие прочита дека долго време е соработник на Висла. Бил на секоја мисија долу во последните четири години. Петар беше нивниот компјутерџија. Секогаш беше гладен.

- „Си јадам.“ - повторно промумла тој сркајќи од конзервата.

4.

Кондензацијата на прозорците беше единствената вода што ја имаше видено во последните неколку дена. Апаратот за рециклирање на измет, монтиран во влезот, беше исклучен веќе неколку месеци. И денес се измоча во тегла и ја стави во стариот замрзнувач што му служеше како шкафче. Се симна по скалите од третиот спрат и ја стави раката во идентификаторот. Томе Ладевски. Зелено „Во ред“ и вратата крцна. Надвор, како и внатре, беше полусветло. Постојан самрак.

За него тоа беше позната глетка: згради подредени наоколу во распоред што некогаш имал некаква смисла. Плафонот беше светло син, некаде избледен, а некаде изгребан. Низ него понекогаш поминуваа бледи сончеви зраци. Дрвјата, нивните мртви стебла, стоеја како паметници на киселиот дожд. Избледените фотографии во книгата останата од родителите на неговата баба покажуваа друг Карпош, но тоа беше далечно минато.

Трагачот вибрираше во неговиот џеб. Томе го извади уредот: мала зелена кутија со ознаки на чуварите. Екранот прикажуваше дека сензорот за движење забележал некого на југ и тој подзастана во преминот кон соседниот влез. Требаше да пешачи на исток околу половина километар за да може да излезе на кејот на реката. Реши да се притаи неколку минути. Повторно вибрација. Томе брцна во внатрешноит џеб од јакната и го извади малиот уред.

- „Нема нови движења“ - си рече и тргна по тесната патека.

Улиците, полни со прав и ѓубре, со истапкани патеки по средина не беа најбезбедниот начин за движење наоколу, но Томе немаше избор. Реката сѐ уште беше основниот канал за исфрлање на смет и понекогаш со среќа, а понекогаш со бобра, можеше да најде некое недопиено шише фрлено од Планината.

Планината. Го чу тој збор прв пат од татко му кога имаше десетина години. Населбата издигната над пластичното небо кое беше навикнат да го гледа, беше сон на секој собирач, но качувањето таму не беше воопшто лесно како собирањето на отпадот, иако беше речиси подеднакво опасно. Со пријателите често разговараа за приказните дека некаде на југ има голема дупка во небото од каде може лесно да се искачат нагоре. Не познаваа некој што некогаш се качил, ниту пак некој што од таму дошол. Означените отвори, оние од кои доаѓаше отпадот, вентилацијата и вооружените сервисери на апаратите за рециклирање беа обезбедени со аларми и чувари. Приказните, исто така, велеа дека таму горе навистина има сино небо и сонце, но и дожд и дрвја и цвеќиња. Но, тоа беа приказни. Трагачот повторно вибрираше. Томе подзастана и се загледа кон реката. Од тука можеше да го чуе шумот на водата, но сега повторно мораше да се прикрие, овој пат покрај едно старо стебло. Уште една вибрација. Но, оваа ја препозна. Пар секунди претходно неговиот трагач го препозна трагачот на Филип. Не се надеваше на средбата со него. Дружењето со Филип често завршуваше на работ на невојлите. „Барем некој познат за ловот на реката“, си помисли Томе и се упати во правецот што му го покажуваше трагачот.

Филип не се разликуваше многу од својот познаник. Беше неколку години постар и повисок, но подеднакво слаб и блед. Алиштата му беа надраснати и рацете му висеа покрај телото. Секогаш се движеше со својот ранец. Беше малку подгрбавен од товарот што му беше прираснат на грбот. Имаше широка насмевка.

- „Еј, Томе“, - викна.

Томе ја крена раката како да мафта.

- „Жеден?“, и му дофрли шише со вода.

Томе го дофати шишето и сркна две-три голтки, а потоа го пикна во внатрешниот џеб. Беше жеден, но и доволно извежбан да се воздржи.

- „Фала, Филип.“ - рече додека се обидуваше да ја скрие неговата радост, - „Ова е од денес?“

- „Денес е празно.“

- „Да одиме нагоре, поблиску до отворот.“

- „Не.“ - отсече Филип. - „Да прошетеме надолу.“

5.

Хотелската соба со поглед на паркот беше полутемна. Дебел човек се прошета до прозорците и погледна долу кон осветлениот шатор. Луѓе влегуваа и излегуваа. Изгледаше работно. Ги затемни прозорците до крај и се сврте.

- „Сѐ.“ - рече.

- „Невозможно.“ - одговори глас од внатрешноста на собата, - „Купувањето имот е врзано со миграција горе. За да купиме сѐ, треба сите да ги донесеме овде. А ако трнеме да го менуваме тој закон, сите ќе се прашуваат зошто. Невозможно.“

- „Ќе ги носиме еден по еден.“ - возврати дебелиот. - „Здравствени контроли, климатизација, социјализација... имаш нешто такво во твоите закони? За договорот никој нема да знае – освен ако не прозбориш ти.“ - и го рашири лицето во насмевка. Гласот од внатрешноста не одговори. Дебелиот се врати то прозорците и ги рашири завесите. Сонцето ја осветли собата.

6.

Маските им ги криеја лицата. По наредба на Висла на првиот излет што Весна го имаше долу дојде и Петар. Грабеше со долги чекори пред неа и мафташе со рацете во различни правци опишувајќи ги сувите дрва и грмушки. Реката шумеше зад нив, а напред гледааа на широка рамнина. - „Паркот“ - си помисли Весна.

- „Ако замижиш и замислиш, можеш да го видиш паркот што бил овде“ - довикна Петар - „Сигурно било убаво како горе.“

Весна одмавна со раката.

- „Сме ги гребеле овие дрва безброј пати.“ - продолжи тој.

- „Ми треба ли твоја помош?“ - предложи Весна.

Пред да излезат доби порака да собере примероци за горе. Не мораше да му ја објаснува нејзината работа на Петар, но ѝ се чинеше дека ќе може да работи помирно ако тој не биде до неа.

- „Договори се со Висла следниот пат.“ - возврати Петар.

- „Од овде можам и сама“ - продолжи, - „го носам трагачот“ и покажа кон зеленоит уред што ѝ висеше на каишот. Петар одмавна со раката. Можеше да замине, но реши да почека директна наредба. Но, Весна се двоумеше. Конечно му подаде неколку пластични шишенца.

- „Појди кон брдцено. Собери примероци од таму. - му рече покажувајќи кон голото издигнување што се гледаше пред нив.

Откако Петар се оддалечи, таа го извади својот уред и го намести да прима податоци. Од ранецотот извади мала кутија за прва помош и ја испразни назад во него. Погледна во уредот и почна да ги следи координатите што пристигнуваа. Собираше парчиња дрвата и земјата и ги ставаше во кутијата. Ѝ требаше околу еден час да ги помине сите точки што ги доби. Кутијата за брза помош беше полна со ситни парченца од мртвиот пејсаж. Сега мораше да собере нешто и за Висла. Помина надвор од просторот што ѝ беше означен на трагачот и најде неколку пенушки. Трагачот вибрираше. Петар се враќаше назад. Таа се наведна и почна да собира примероци.

7.

Томе знаеше дека неговиот пријател веќе извидел. Неговото противење значеше дека горе има гужва, а избегнување кошкање никогаш не беше лоша идеја.

- „Ајде.“ - прифати Томе по кратко двоумење и тргнаа. Двајцата посегнаа во џебовите и ги поврзаа уредите. Двата трагачи кратко вибрираа и потврдија дека разменуваат информации за периметарот што го набљудуваат.

Тоа утро вибрациите од трагачот го разбудија Филип. Тој спиеше склупчен под една клупа помеѓу расфланите книги. Спиењето во библиотеката беше безбедно бидејќи одамна никој не влегуваше таму, но рефлексот му беше секогаш да се сокрие. Ја поткрена главата и погледна надвор низ скршените прозорци. Ги облече чевлите кои што секогаш ги оставаше настрана како лесна мета за случајниот крадец и се провлече под клупата. Се исправи и го нарами ранецот.

Малата зелена плочка во неговата рака вибрираше. Ја погледна и притисна неколку копчиња. Уредот возврати со уште една кратка вибрација. Го стави околу врати и излезе надвор. Улицата беше темна и пуста. Се сврте назад кон зградата и гледаше во скршените прозорци како да бара нешто. Уште една вибрација. Се упати кон исток.

Прошетките со Филип никогаш не беа само прошетки. Тој беше единствениот помеѓу пријателите на Томе што знаеше да чита букви. Сите други, како и Томе, знаеја само да ги распознаваат симболите на нивните трагачи. Филип имаше склоност да чепка по ѓубриштата и да склопува разни алатки од работите што ги наоѓа. Ранецот му тежеше од тие направи и сакаше долго да зборува за нив. Кога не копаше по купиштата ѓубре, се шмугнуваше во зградата што порано била библиотека. Таму копаше по старите листови хартија. Секогаш имаше нови приказни за работите што ги прочитал или склопил, но Томе и другите често не му веруваа. „Зборува глупости“ - знаеше да каже Дарко. Понекогаш го викаа Лудакот. Но, Филип не престануваше со приказните. Стигнаа пред висока зграда.

- „Ги знаеш овие згради?“ - праша Филип.

Томе погледна во трагачот. Зградата изгледаше празно. Томе климна.

- „Внимавај на влезот“ - рече и исчезна во внатрешноста.

Не беше невообичаено Томе да чува стража додека Филип копа низ старите објекти околу паркот. Тој секогаш се враќаше со предмети кои подоцна ги поправаше. Томе му помагаше колку што умееше. А и без тоа, зделката не беше лоша, затоа што трагачот внимаваше доволно за сите, па Томе седна и одпи од шишето. Вода.

Филип се качуваше бавно нагоре по скалите кои беа тесни од натрупаниот смет. На 12 кат просторот се отвори пред него. Изгледаше расчистено и простано. Во ќошот кон прозорците стоеше висок човек. Тој носеше нова облека која што личеше на униформа. Филип погледна и свирна. Човекот се сврте и се насмевна.

- „Ги сменив деловите горе. Другите работат?“ - праша.

Филип возврати со насмевака.

- „Донесов малку храна“ - и од џебовите извади неколку конзерви.

- „Томе е долу.“

- „Знам – но, тој не може да нѐ види овде“ - и го покажа екранот од својот плоснат уред. Прикажуваше нешто што личи на заштитно поле околу просторијата во која се наоѓаа. - „Никој не може. Вклучи го твојот.“

Филип го извади неговиот трагач и го намести да разменува податоци.

„За неколку часа, појди овде.“ - рече покажувајќи на мапата што се прикажуваше на екранот. „Ручаме тогаш.“

8.

- „Нешто се случува долу, во паркот.“ - рече Филип кога излезе од зградата

- „Пред десетина дена имаше само некоколку сервисери. Завчера дојдоа и чувари, а утрово почнаа да го заградуваат просторот.“

Томе се почуствува измамен. Дојде по вода, а сега се изгледаше како да се вовлече во една од авантурите на Филип кои што не беа наивни. Помисли да му го врати шишето и да се врати назад. „Можеби ќе најдам некое фрлено шише.“ - си помисли. Но, Филип како да го забележа неговото двоумење.

- „Ќе почекаме уште малку и ќе одиме до работ. Фрлаат многу шишиња и конзерви.“ - нафрли тој и одеднаш предлогот за прошетка до паркот не звучеше неразумно.

Чуварите од Планината не правеа чести посети долу. Но, Томе знаеше дека треба да ги избегнува. Неговиот татко настрада покрај реката кога чуварите ги проверуваа отворите за вентилација пред шест години. Откако почна сам да оди покрај реката, често гледаше мртви тела како пловат надолу и се сомневаше дека тоа се луѓе, кои како татко му, им се нашле на пат на чуварите. „Тоа што се случува под небото не е ничија грижа.“ - велеше татко му, - „Внимавај, секогаш внимавај“. Томе често се сеќаваше на зборовите на татка си: „Многу нѐ има овде, но сите се кријат. А Планината е речиси празна. Понекогаш се симнуваат и земаат деца со нив. Можеби ќе ја имаш таа среќа, сине, но потоа ќе мора да пукаш во нас“.

Томе еднаш го праша Филип дали знае нешто за животот на Планината, Филип му покажа голема книга со цртежи. „Пишува: Облакоград“ - му рече. „Зошто тогаш го викаме Планина?“, „Затоа што е висока.“ - му одговори Филип. Не беше сигурен дали тоа беше шега. Цртежите беа избледени, но меѓу формите можеше да се препознае голема конструкција која се издига на столбови и ниски згради расштркани низ просторот. „Вака е листови и листови“ - велеше Филип, - „но никој не знае зошто сите не сме горе“.

9.

Висла седеше склупчен врз микроскопот. Весна му подаде уште неколку примероци. Тој немарно ги стави во купот. Изгледаше вознемирено.

Весна седна на своето биро и почна да ги подредува примероците. Зелениот уред вибрираше на масата.

Стави го пакетот во кутијата за рециклирање.

Неколку минути подоцна во шаторот влезе униформиран службеник. Почна да ги собира кутиите со симбол за рециклирање оставени на подот. Весна побрза да ги стави епруветите во една таква кутија. Звукот на стакленцата му го привлече вниманието на Висла. Тој ја крена главата кратко и повторно се наведна.

- „Веќе сите знаат.“ - промумла.

Весна ја остави кутијата во купот.

10.

Пред широката рамнина беше распространа бодликава жица.

- „Сами сме овде.“ - му рече на Томе.

Седнаа покрај патеката. Зградата од спротива беше разрушена. Филип го остави ранецот на земја и го затскри со ѓубре.

- „Остави ја водата тука.“ - рече Филип додека го исклучуваше неговиот трагач.

Томе го исклучи својот трагач. Знаеше дека ако одат да ловат храна, тогаш подобро да не ги фатат со трагачи во нив. Просторот изгледаше празен сѐ до реката.

- „Каде се чуварите?“ - праша Томе.

- „Зад свиокот на реката.“ - одговори Филип - „Да одиме.“

Ја прескокнаа оградата и тргнаа по брегот. Почнаа полека да се симнуваат надолу. Стануваше сѐ посветло. Зад свиокот мораа да мижат. Филип му подаде парче темна пластика на Томе. Жица висеше од двете страни. „Стави го вака“ - му покажа. Од небото висеа дебели кабли. Рефлектори го осветлуваа целиот простор. Неколку шатори беа распоредени во форма на круг. Долг шатор на исток. Голем кружен шатор на југ. Мали распрскани наоколу. Но, пусто.

- „Сега ручаат.“ - проговори Филип пред Томе воопшто да стигне да праша, „Да одиме во оној до брегот.“ - и потрча напред.

Томе тргна по него. Ја гледаше својата сенка на прашливата земја како се преместува де на едната, де на другата страна. Трчаше, речиси весело како во игра. Мислеше на храната што ќе ја собере од шаторот. Водата. Водата.

- „Почекај овде.“

Томе ја извади пластиката од очите. Од јакната извади платнена торба и му ја подаде на Филип.

- „Наполни ја и за мене“ - рече.

- „Почекај овде.“ - се насмевна Филип.

Неколку минути подоцна излезе од шаторот со торбата на грб.

- „Соблечи ја јакната и влечи ја зад себе.“ - му рече на Томе. Нивните стапалки исчезнуваа во правта. Зад свиокот. Самрак.

11.

Влегоа во зградата на библиотека. Филип побрза до една клупа. Ја исчисти и намести. Ја стави торбата на една од нив. Томе се приближи љубопитно. Филип ја отвори торбата и извади неколку пластични кутии и купче листови хартија. Радоста исчезна од лицето на Томе. Зина да приговори.

- „Ранецот. Ранецот е за тебе.“ - го пресече Филип.

Томе се сепна. Ранецот го носеше на својот грб откако излегоа од паркот. Го симна и отвори. Беше полн со конзерви и шишиња. Го крена погледот.

- „Но, што правеше во шаторот?“ - праша.

Филип радосно ги вртеше листовите.

- „Lecanora conizaeoides и Lepraria incana“ - прошепоте.

Томе гледаше зачудено.

- „Ова се првите лишаи. Воздухот се подобрува.“ - рече со насмевка.

12.

Дебелиот ги гледаше резултатите. Неговото лице задоволно се смееше.

Телефонот заѕвони.

Го вклучи екранот.

Камерите за надзор на ЗИНО покажуваа неколку високи згради.

На нивниот кров блештеа старите рекламни паноа: Не продавај.

Долу, помеѓу растурените книги, трагачот на Томе вибрираше. Знаците на екранот ја пренесуваа истата порака.

Година на надзорот

Tags: 

Губењето на приватноста на читањето, пишувањето и собирањето (или дружењето) ги загрозува основните човекови права, кои, макар и неволно, се вградени во уставите на голем број на земји.

Кога на крајот на 2012 година Нова Македонија побара од мене да ги кажам моите очекувања за (животот на) Интернет во 2013 година, напишав дека не очекувам ништо различно од досегашните случувања:

„Во 2013 во светски рамки веројатно е да се очекува да се појават нови предлози, закони, договори кои ќе се обидат да спроведат слични решенија како веќе споменатите (ACTA, SOPA, PIPA) по веќе добро разработената пракса на „преместување на форумите“ - ако нешто не може да се изгласа во САД или договори во ЕУ ќе се договара во СТО, или пак ќе се предложи преку некоја друга организација, а потоа ќе се промовира како меѓународен стандард итн. За очекување е светската јавност да реагира на ваквите случувања како и до сега и веројатно ние од овде, ако ништо друго, ќе ја понудиме нашата принципиелна поддршка за зачувување на слободата на користење на технологии и пристап до Интернет.“

Но, не требаше да помине многу време за моите очекувања да зазвучат на посакуван оптимистички исход. Веќе во март, Citizen Lab од универзитетот во Торонто ги откри новите инсталации на FinFisher меѓу кои сега се наоѓаше и Македонија. Во мај Едвард Сноуден и Глен Гринвалд со Гардијан открија дека живееме во свет на сеприсутен и постојан надзор.Трговските договори наеднаш заличија на ситни проблеми.

Нема што многу да се напише за надзорот на Интернет, а веќе да не сте го прочитале на друго место. Но, да повториме: Американската агенција НСА заедно со агенциите на некои американски сојузници и во соработка (некаде присилна, некаде доброволна) со компаниите од Силиконската долина правела масивен и масовен надзор на комуникациите не Интернет: собирала мета-податоци, имала пристап до сервисите за електронска пошта, до мобилните телекомонукации, се обидувала да ги ослабне системите за енкрипција... Ова било возможно поради законите што во САД се стапени на сила по 9/11. Исто така, било возможно и поради ефтините технологии за надзор, ефтиниот достап до терабајти и терабајти и терабајти дискови за складирање на податоци. Можеби треба да напишеме збор повеќе за FinFisher, софтверот за кој Владата на РМ ниту потврди ни демантираше дека го има купено, но не постојат никакви официјални информации за инсталацијата на овој софтвер. На крајот на краиштата – ако тој софтвер не го купило МВР, тогаш тие треба да истражат кој тоа го сторил на нашата територија.

Но, сега веќе си мислите: „Не ме засега ова мене. Јас ништо не сум згрешил“. Вообичаениот тест на овој коментар е: „Да, секако, може да ми ја дадеш твојата лозинка за Facebook?“. Се разбира, никој не го положува овој тест.

Да се вратиме на надзорот. Што значи тоа кога ќе кажеме сеприсутен и постојан надзор? Во своите предавања за авторските права Лоренс Лесиг често го истакнува развојот на законот за авторски права од закон кој регулирал една индустрија во закон кој нѐ регулира сите нас. На неговите почетоци законот имал за цел да го регулира копирањето, умножувањето на книгите. Но, на Интернет секој клик е копирање, потенцира Лесиг. Додека го читате овој текст копија него се прави во кешот на прелистувачот што го користите. Законот и технологијата се мешаат на таков начин што секоја наша интеракција со авторското дело на интернет претставува кршење на некоја законска одредба. Истото се случува со надзорот. Пред дигиталната технологија надозорот на луѓето бил строго регулиран од физичките можности дури и онаму каде законите биле суспендирани. Најстрашната држава на надзор на 20-тиот век, Источна Германија, не можела да ги следи сите свои граѓани дури и да сакала тоа да го прави. Едноставно немало толку агенти за следење или немало толку службеници што можеле да ги читаат сите писма или немало технички можности да се прислушкуваат повеќе телефони одеднаш. Тогаш, законите за надзор, дури и онаму каде што биле злоупотребувани, биле таргетирани. Едноставно тоа бил надзор што не бил сеприсутен и не бил постојан.

Денес тоа повеќе не е така. Надзорот е насочен кон серверите на големите компании кои ги чуваат нашите податоци. Полесно е да се ископира сѐ отколку да се копа за деталите. Спакувани така на некои дискови во хангарите на агенциите нашите податоци ќе го дочекаат моментот кога доволно брз компјутер ќе може да ги обработи, ако претходно, се разбира, некој клучен збор не ги бутне понапред во редот. Во годините што следат ќе мораме да направиме многу за да излеземе од оваа ситуација. Но, прво мора да се сложиме дека оваа ситуација е погрешна, опасна и штетна. Потоа, техничките детали се лесни.

Сара Кендзиор во својата колумна на Ал-Џезира слика интересна слика за тоа што споделуваме на Интернет. Ниту еден наш профил не е целосна слика на нашата личност. Колку што споделуваме, толку и криеме, испуштаме или претеруваме. Најголемата опасност, вели таа, не е прибирањето туку интерпретирањето на податоците. Нашето одбрано, само-цензурирано и комплицирано изразување не е комплетната слика за нашата личност. Сепак, тоа е единствената слика што може да се изведе од податоците што се собрани:

„Најголемта опасност од надзорот на Интернет не е дека тие нѐ знаат, туку дека тие мислат дека нѐ знаат, и дека ние сме заложници на нивната интерпретација. Тие ќе шпионираат сѐ додека „нешто“ не се случи и тоа што ние наивно си го нарекуваме „живот“ ќе биде фрлено назад како докази.“

Вообичаената дискусија нѐ тера да заклучиме дека поради овие причини потребна е заштита на податоците. Но, Џејкоб Апелбаум објаснува дека дискусијата за заштита на податоците е погрешна. Тоа за што треба да зборуваме е заштита на луѓето, затоа што луѓето – ние, а не податоците, сме загрозени од надзорот. Губењето на приватноста, вели Апелбаум, всушност е губење на слободата, затоа што слободата подразбира ние да можеме да носиме одлуки во нашиот личен и приватен свет, свет кој што не треба да биде отворен на надворешни актери.

Губењето на приватноста на читањето, пишувањето и собирањето (или дружењето) ги загрозува основните човекови права, кои, макар и неволно, се вградени во уставите на голем број на земји. Сѐ додека не се договориме дека основните човекови права повеќе не се важни за нас, ние мораме да сториме сѐ за да ги заштитиме. Мора да се погрижиме дека на Интернет ќе можеме да имаме приватниот и личен простор во кој се развива нашата личност, нашите способности и мисли, и кој ќе ни служи за да ги одржуваме врските со нашите блиски без страв од надзор од држави или корпорации. Ова е нешто за кое што мораме да се согласиме.

Потоа, само останува лесниот дел. Мораме да им помогнеме на инжинерите и правнците да го направат она што треба да се направи за надзорот да ги изгуби епитетите сеприсутен и постојан. Се надевам сме чекор поблизу до согласност.

Среќни празници.

Оригинално објавено на РСЕ: http://www.makdenes.org/content/article/25212002.html

Книгите од 2013: Non-fiction препораки за празниците

Tags: 

1. „На влекачите им било тешко отсекогаш.“

Твитав за ова и ми се чини дека е добро место да се почне овој новогодишен преглед на книги со The Power of Myth: книгата и тв серијата со Џозеф Кембел и Бил Мојерс ја покриваат основата на митологијата и некои нејзини современи импликации. Лесно е напишана и е одличен вовед за секој лаик во темата. Реков дека доживеав интелектуален оргазам кога го читав делот во кој што се објаснува „најдобрата книга што никој не ја прочитал“ — Финеганс Вејк на Џејмс Џојс. Видете го ако сакате овде. Исто така, во книгава беше и најдобриот цитат за новинарите и новинарството што го најдов оваа година (а новинарството е тема на постојан интерес):

Moyers: Then Along comes the journalist who has a license to explain things he doesn’t understand.

Campbell: That is not only a license but something that is put upon him — he has an obligation to educate himself in public.

2. „Општествената атмосфера е бремена со можност.“

Coding Freedom на Габриела Колман според многумина е најдобрата книга што ги истражува хакерите, нивните заедници, нивните мотиви и верувања. Исто така е добра почетна точка за некој што сака да се запознае со оваа тема или пак сака посериозно да ја проучува. Можеби централниот придонес на книгата е врамувањето на идејата за „политичкиот агностицизам“ или „тесно дефинираната политика“ на слободниот софтвер со јазикот на политичката филозофија.

Објавена е во духот на слободниот софтвер (под лиценца на CreativeCommons) и можете легално да си ја симнете.

3. „Никогаш не ја потценувајте моќта на Твитер и Фотошоп во рацете на луѓе мотивирани од предрасуди“

Потоа тука се и двете книги на Евгени Морозов: The Net Delusion и To Save Everything, Click Here. Прочитајте ги. Доаѓат како ладен туш после опиеност од моќите на Интернет(от). Морозов се смета за еден од ретките (ако не и единствен) глас на критика на идеите за „интернет слобода“ како што ги промовираат Западните влади и генерално на духот и мотивите на Силиконската долина. Тој исто така ги врзува своите аргументи во политичката филозофија и политичката економија. (За брз поглед на неговите ставови видете го op-ed-от што го напиша за FT пред неколку дена.)

3.1. Од истиот шешир тука се и Consent of The Networked, We Are Anonymous и The Geek Manifesto, три книги кои ги разлистав, но тогаш не ми се чинеа како доволно интересни за да ги прочитам.

4. „Пазарот нема единствена природна и нужно законска и институционална форма. Тој е историска еволуција и политички избор.“

Ако сакате да добиете различно мислење за Бувљакот под Кале, старо купујем и другите градски појави на неформалната економија тогаш морате да ја прочитате Stealth of Nations на Роберт Њурит. Книгата е истражуање на неформалните пазари од огромен обем — Сао Паоло, Лагос, но и Лос Анџелес. Можно е после книгата да не сакате да купите ништо повеќе од Zara. Можно е да решите да почнете свој бизнис. Лекцијата за носење од книгава е дека на пазарот, таков каков што е, сите услови и фактори се дел од играта: корупција — само уште еден трошок. Нашето наследство од државата на благосостојба не ни дава така лесно да го проголтаме ова.

5. „Скротумот е како резервен фрижидер во гаражата во кој што чувате само пиво. Ако имате резервен фрижидер, тогаш веројатно сте некој што очекува забава да се случи во секој момент.“

Доста со политичка економија. Ако сте за лежерно, провокативно четиво овие празници земете ја Sex at Dawn. Книгата на Кристофер Рајан и Сесилда Џета се обидува да ги разоткрие митовите за човековата сексуалност, моногамијата и разможувањето. Црпи примери од историјата човештвото и сегашноста на некои наши роднини. Контроверзна е. Веќе доби rebuttal со Sex at Dusk. Многу други научници велат дека научни наоди се жртвувани за таа да изгледа така пикантно како што е напишана. Се чита во еден здив.

6. „Како што вели еден пријател, често има нешто во преводот што не може да се долови во оригиналот.“

Distrust That Particular Flavor — збирката non-fiction текстови на Вилијам Гибсон. Прочитајте ја.

7. Со Kindle се чита послено од англиски. Но, читнав неколку (млади) македонски автори и на хартија. Ана Голејшка, Дарко Лешоски, Мане Манушев, Живко Грозданоски и Ненад Јолдески (имаат ли твитер?).

Не сум доволно вешт за да кажам некаква сериозна препорака за книгиве. Можам да кажам дека во секоја имаше делчиња што ми се допаднаа и на кои понекогаш се навраќам и делчиња кои што не ми се допаднаа.

Кои се вашите препораки?

Дигиталниот надзор и писателот

Tags: 

Да се зборува денес, во 2013 година, за дигиталната слобода е речиси исто толку иронично колку и фотографијата од плоштадот „Џорџ Орвел“ во Барселона каде што на знакот кој што го носи неговото име стојат монтирани неколку камери за надзор.

Денес сум овде да зборувам за надозорот, но вие веќе знаете сѐ за тоа. Всушност знаете толку многу што мислите дека тоа не ве засега бидејќи немате што да скриете. Сепак, ниту еден од вас нема да ми ја даде нејзината или неговата лозинка од Фејсбук. Исто така ниту еден нема да сака да се откаже од удобноста што ја има со тековната употреба на технологии.

Затоа да зборуваме за секс. Колкумина овде користат кондом?

Во 1980-тите кога СИДА била сѐ уште нова болест постоеле различни верувања како таа се шири. Всушност, незнаењето се користело да се жигосуваат некои групи на луѓе. Знаете - „педерите“ и „наркоманите“. 30 години подоцна и сѐ уште на некои места, дури и кај нас, се користи ова жигосување и покрај сите научни откритија за тоа како болеста се шири. 30 години подоцна и сѐ уште не можеме да ги убедиме сите луѓе да користат кондоми.

Приказната со надзорот наликува на оваа. Денес центрите за моќ сакаат да нѐ убедат дека предмет на надзор се терористите и криминалците и во овие групи ги туркаат хакерите и активистите. Но, благодарение на откритијата на Едвард Сноуден и Гардијан, денес ние знаеме дека тоа не е така. Вие сте предмет на надзор. Јас сум предмет на надзор. Сите што користиме било каков дигитален уред сме предмет на надзор. Ова не е убава слика, но таа ги вклучува и писателите.

Ако внимателно ја слушавте Адријана, тогаш се сеќавате на цитатот од Вирџинија Вулф – дека на секоја жена писател ѝ е потребна сопствена соба со клуч. Не можам да знам како им било на жените писатели на почетокот на 20-тиот век, но сопствената соба со клуч ја замислувам како алатка за обезбедување приватност во работата – во читањето и пишувањето. Приватност од надзорот на машкиот поглед за да може да се твори во слобода.

Сите ние кои денес пишуваме на нашите компјутери, кои ја имаме библиотеката на нашите електронски читачи имаме дигитална работна соба. Но таа соба најчесто најмалку може да се опише како „сопствена соба со клуч“. Но, таа соба е на дофат. Потребно е само да почнете да користите слободен софтвер и енкрпиција. Знам дека ова се технички поими кои не можам да ги објаснам во краткото време што го имам, но подоцна можам да ви одговорам на сите прашања што ги имате.

Ми се допадна тоа што Живко го зборуваше за ангажираното и уметничкото пишување. Сите писатели не се исти. Сепак, таа дистинкција на содржината не е толку важна, бидејќи сите писатели сакаат да творат во слобода, а отпорот против надзорот може да се пружи со чинот и процесот на пишување, со пишувачката активност макар и нејзин производ да се нежни љубовни стихови.

Мислам дека творењето мора да биде во слобода и не верувам дека има некој што не се согласува со ова. Надзорот му прави на умот, тоа што сидата му прави на телото. Ако сепак не сакате да се откажете од удобноста на технологиите што ги користите тогаш можеби ќе беше подобро овој настан да се вика „Дигиталниот надзор и писателот“.

Првично објавено на http://diversity.org.mk

Сонот за ЕУ: Кратко за идеја од американската Dream 9 организација

Tags: 

Минатава недела читав некои текстови и налетав на организација што се вика Dream 9. Организацијата е од САД и е место каде што се организираат млади имигранти во САД кои се донесени таму без своја воља, како деца, но кои сега мора да се соочуваат со проблемите на немање документи и слично:

Consider the DREAM activists, who are seeking a path to citizenship for the millions of undocumented young people brought to the US by their parents when they were children. Many DREAMers didn’t realize they were undocumented until they applied to college and discovered they would need to pay unaffordable out of state tuition. DREAMers have become a rallying point for immigrant rights in the US because they didn’t choose to immigrate to the US, and because they’ve been assimilated by being educated in American high schools.

извор: http://dmlcentral.net/blog/ethan-zuckerman/new-media-new-civics-bellweth...

Пробајте да ја пренесете оваа ситуација дома. Многу генерации деца се донесени во Македонија, во оваа ситуација на сиромаштија, кршење на човекови права, безработица, дискриминација… без своја воља. Нашите родители се одговорни за тоа. Вистина некои се со поголема, а некои со помала одговорност — но тоа и не е некоја утеха.

Но, зошто да не побараме од ЕУ да нѐ прими нас?

СОНеу организацијата на младите од Македонија кои немаат ништо со срањето во кое се доведени.

Зошто сме измамени со дебатата за говорот на Саше на собраниската расправа

Tags: 

„Компетентноста на говорникот не е релевантна за вистината на тоа што тој го говори.“

Ретвитајте ако се сеќавате на дебатата дали блогерите се новинари.

Не?

Една од клучните дебати за модерното новинарство е таа помеѓу Липман и Дјуи од почетокот на 20-тиот век. Двајцата Американци зборуваат за улогата на новинарството и новинарите во демократијта.

Во кратки црти, Липман смета дека улогата на новинарите е да интерпретираат случувањата за популацита која што, генерално земено, не се разбира. Тој смета дека тие се медијатор помеѓу елитите и граѓаните. Дјуи, од друга страна, смета дека јавноста е сосема способна да донесува одлуки, да заклучува и дека новинарите се само уште еден дел од таа постојана дискусија, но никако не се надредени над граѓаните, иако нивната експертиза се цени. (За повеќе — Википедија).

Зошто ова теоретско навраќање? А за што друго, ако не за надзорната расправа во Собранието на РМ и настапот на (веројатно?) единствениот опозициски новинар и реакциите што следеа по него (и на барање на @estavrevska).

Всушност дебатата е едноставна: јавноста, во светот што го сликаат двајцата Американци, е или способна или неспособна да ги разбере дејствата на елитите. Реалноста е покомплицирана и веројатно се соочуваме со нормална дистрибуција на луѓе кои можат, не можат, можат малку или не можат целосно да ги интерпретираат елитите на своето општество. Но, во обата случаја тоа што Саше Политико го кажал (и содржината и формата) е ОК. Ако го следиме Липман тогаш ни требало „оглупување на јазикот за да сфати мнозинството“. Ако го следиме Дјуи тогаш тоа само уште еден глас во разговорот и ние сме сосема способни да препознаме што се случува.

Дебатата што недостасува, наместо ова повторно наддвање кој е колку новинар и зошто, е: што можело да се направи поинаку однапред, и дали тоа што тоа не се направило ни кажува повеќе или доволно (без разлика дали тоа сами ќе го интерпретирам или некој тоа ќе го стори за нас). Така, при недостаток на деталите што, зошто и како беше расправата и кој можел да присуствува, можеме само да шпекулираме, но останува отворено прашањето зошто, на пример, првонаградениот новинар од страна на ЕК, со награда „Жан Моне“, не бил на расправата? Или некој друг… и ако била јавна расправата, некој што би дошол и непоканет.

Но, бидејќи податоци речиси и да нема, и сѐ што имаме е наддавање во обвинувања и ad-hominem напади, останува да го цитираме Роберт Пирсиг: „Старо логичко правило е дека компетентноста на говорникот не е релевантна за вистината на тоа што тој го говори. Најголемата светска будала може да каже дека сонцето сјае, но тоа нема да го затемни сонцето.“

Маските за pm2.5 честички нема да го скријат нашиот срам

Tags: 

Зошто менувањето на дневниот ред на собраниската седница за буџет нема врска со заштитата на здравјето на граѓаните на РМ

Колкумина знаат дека излегувањето со валкани гуми од градилиште е казнив прекршок? Ове е дел од некои последни измени што деновиве излегоа во Службен весник на РМ во некој закон чие што име не го запамтив. Овој закон е само дел од „зеленото“ законодавство на Македонија. Веројатно има купче закони што регулираат различни аспекти на заштита на животната средина и пропишуваат казни за прекршоци кои јавноста воглавно не ги знае. Таков е и Законот за квалитетот на амбиентниот воздух.

Да, го имаме тој закон. Можете да го ѕирнете. Има некои казни таму за некои прекршоци… сите вообичаени нешта што треба некој закон да ги содржи. Можеби и бил дополнуван и со европско знаменце. Со други зборови, пратениците (или нивните партиски шефови во краен случај) во собранието кажале сѐ што имале да кажат во врска со ова прашање. И кажувале низ подолг временски период, законот е од 2004 г. и дополнуван е 5-6 пати.

Со оглед на тоа дека загадувањето на главниот град не е нешто ново, пратениците од двете страни можеле да интервенираат и кога биле на власт и кога биле во опозиција. Но, ова е шупачки аргумент: „Кај бевте 2005-тата…?“. А каде сме 2013-тата? Во 2012 Градот Скопје излезе во медиумите со истите препораки за седење дома и невозење кола кога беше најголемото загадување. Всушност од 2012 до 2013 (цели 12 месеци) возможно било да се поднесе дополнување на законот, да се врши притисок врз сите „зелени“ институции на Републиката и конечно — да се предложат амандмани во буџетот кои ќе бидат наменети за надминување на последиците од овој проблем (ако веќе причините не може да се отстранат).

Ништо од ова не е направено. Не дека проверив, но ги гледам насловите на вестите и никаде не видов: „ние предлагавме, ама ВМРО нѐ одби“. Единствено нешто што може да се заклучи е дека естаблишментот пак си спиел, пак е изненаден, пак е штурецот од онаа приказната со штурецот и мравката.

Но, тоа не е сѐ. Како што нѐ потсетува Жижек: ако некој лаже и мами, тоа не треба да нѐ залаже — редно е да се каже дека тој е лажго и измамник. И тоа се тие луѓе од естаблишментот — политчки, бизнис, академски: тие се лажговци и измамници и денес сакаат со уште еден спин да ни го одвлечат вниманието: сакаме да го ставиме воздухот на дневен ред — ама режимот не ни дава. Брат, ебете се.

Не — за да го истакнувам очигледното: дека воздухот (како и многу други работи на заедничкиот живот на граѓаните на РМ) треба да биде секој ден на ебаниот дневен ред. Туку, за да потсетам дека денес со ова одбивате да ја работите (пак!) работата за буџетот (кој иако не толку важен како и воздухот) ќе одреди многу од тоа што ќе правиме во шупкава од земја, макар тоа и го правеле со дробови полни pm2.5 честички.

Но, ајде, дури и да успеевте да ја бутнете точката на дневен ред: што потоа? Ќе речевте дека дишеме ѓубре? Дека пред 7 години воздухот не бил толку загаден? Што? Што воопшто може да се рече и да се противречи на таа тема? Не дека не е потребна дебата, но навистина од говорница, со реплики, со тропање и глупирање? Можно ли е некоја група на луѓе да е толку кусогледа? Ако можете на ист начин да си ги качувате платите и да си ги простувате казните, па некои други усерувања од земјава да не ве допираат, ваљда не сте тотални идиоти и гледате дека сепак — го дишете истиот воздух и со најугнетуваниот работник во македонските sweatshops.

Затоа да кажеме кратко (и гласно кој колку може): дебатата за воздухот на собраниската седница за буџет е дување пепел в очи на тие пар или неколку луѓе што останаа да следат што се случува со мизерните животи на сите нас. Треба да гризете во собрание за да се прикажа каков-таков отпор кон уште еден глупо-крадлив буџет. А за воздухот, вашето министерство за животна средина во сенка треба да штанца пријави до надлежни органи секој ден, а вашите бизнисмени што загадуваат да ги натерате да купат филтри.

И ред е да си кажеме (да си признаме тапкајќи се по рамо): ова не се случува затоа што во Македонија пак сѐ е business-as-usual: едните демек побаруваат нешто од корист за граѓаните, другите демек одбиваат, се ќарува по некој маргинален поен и си шибаме сите во заборав.

Белешки за носење од „Мала школа за антифашизмот – медиумите и отпорот“

Tags: 

Гостување на Борис Буден за мене секогаш е интересно, па така и овој пат појдов во „Мала станица“ да видам и чујам што има. Овој пат темата беше „нови форми на фашизам“ или „препознавање на фашизмот денес“.

Мојот впечаток од тоа што како воведничар го зборуваше Буден е дека погрешно е да зборуваме дека фашизам наеднаш се појавил. Тој долго зборуваше за линии на континуитет и ми се чини дека токму ова го утнаа домашните говорници и дел од публиката кога настапија со својата позиција на чудење дека нам, овде во Македонија, фашизам наеднаш почнал да ни се случува по 2006 година. Друг впечаток е тоа што ми се чини дека економските прашања ќе остане неотворени ако за тоа не се погрижеше другиот гостин од Хрватска — Томислав Медак. (Се разбира имам резерва дека не сум разбрал сѐ што се зборувало, па молам и за коментари.)

Но, еве, два-три збора повеќе за она што го разбрав: подоцнешната дебата за Скопје 2014. Прво, тука беше амнезијата за потеклото на плановите. Јавна тајна е дека дел од тие планови се правени за време на владеењето на СДСМ, т.е. пред 2006. Чудењето „како ова ни се случи“ речиси ја дополнува таа амнестија и секако ги игнорира линиите на континуитет. Второ, тука беше (постојано) наивното верување дека естетиката и архитектурата се најважни. На пример, коментарот: „каде се хард-кор националистите да се бунат за некои не националистички аспекти на проектот“ комплетно го игнорира факторот пари — т.е. дека и хард-кор националистите имаат цена и можеби нивната е неколку тендери или неколку парцели градежно земјиште што ќе им дозволат мирно да спијат покрај ненационалистичкиот споменик.

Трето инсистирањето на тоа дека „општина Центар е значајна победа во борбата против режимот — затоа што таму каде што најмногу се вложило, таму изгубија“ зрачи со ароганција типична на дебатата Скопје-провинција, но и на реалната игнорантност за тоа што се случува во другите делови на нашата не така голема Македонија. Сосема е можно на други места да се доволни две-три сијалици, или чешма и резервоар за вода, или нови прозорци во школото, или само шљунак на патот за да се добие слика за успешна Влада. Но во Центар, каде што живее најголем дел од естаблишментот на земјата, поранешните партизани, сите станови во градски ѕид кои им припаѓаат на луѓето на позиции од претходната држава и куќите на Водно и што уште не, за да се добие тој успех потребно е повеќе — очигледно не се доволно 400 милиони евра на 2 квадратни километри. Но, ова не е успех на отпорот против владењето што токму таму најмногу се потретира како фашистичко, ниту пак е неуспех на владата. Зошто би бил било што кога е тоа само мало делче. Како приказните (на пример) за гордата и независна Црна Гора во Отоманско време — тоа баш ја прави империјата неуспешна, нели?

Што уште? Не ми се верува дека сѐ уште има луѓе што можат да кажат дека СДСМ е левица и притоа да бида озбилни. Ајде да не коментирам повеќе за тоа.

И конечно, кукањето дека „ние тука немаме никакви ресурси“. Ебате, настанот е поповод 20 годишина од Хрватско анти-воено списание од време на војната. Зар тие тогаш имале повеќе ресурси? Мислам дури и да не се повикам на едноставниот „еј па имате интернет“ аргумент, очигледно е дека ова е полошо од жалење. Печатењето на хартија денес е поефтино од пред 20 години, компјутерите за ДТП се поефтини, дистрибуцијата (веројатно) е поефтина. Дали ќе биде тешко? Веројатно, но сигурно не потешко од факинг Загреб во 1993.

Facebook како логор: „Гејмификацијата“ на надзорот и неплатената работа.

Tags: 

По што се разликува Facebook од затвор или логор? Ако не го сметаме peer-pressure како доволно јака присила, тогаш само по тоа што никој на сила не нѐ тера да бидеме таму. Но остантатото, се додека можеме (сѐ уште?) да ја премостиме разликата меѓу физичкото и дигиталното, е исто.

Прво, претворени сме во commodity на компанијата (од корисник во потрошувач до потрошувачка стока). Продавани сме (нашиот social graph) и разменувани по потреба. Исто така и работиме за компанијата без надоместок. Нашиот дигитален труд се монетизира кај нив. Нашите кликови и „лајкови“ се стабилен проток на приход за тамошните нарачатели на реклами.

Второ, дури и најналудничавите претпоставки за надзор и следење се покажаа како точни. [Кој да верува на предвидувачките текстови на луѓето како Џулијан Асанж од 2008-9 година?] Facebook навистина е „шпионски шалтер“ (додуша не на ЦИА, туку на НСА). Кога кон ова ќе се додаде и тоа дека и вработените таму имаат пристап до сечии профили (за разлика од Google каде пристап имаа(т?) само алгоритми и скрипти), го прави тоа интернет место совршено за постојано набљудување на корисниците.

Зошто тогаш уште сме таму? Можеби затоа што не знаеме дека е тоа затвор сѐ додека личи на игра?

Во „Животот е убав“ Роберто Бенињи раскажува токму една таква приказна. Џошуа,синот на Гвидо, го проживува животот во концентрациониот логор верувајќи дека е тоа игра во која се собираат поени и за чиј победник првата награда е вистински тенк. Детето е премногу малечко да ја разбере вкупната монструозност низ која поминува. Игнорантноста повторно е благослов. Ние не сме ниту деца, ниту неинформирани за надзорот под кој сме ставени. Треба да си признаеме дека вистински тенк (ниту бар вистински iPad) нема на крајот на играта. Треба да си признаеме, всушност, дека ова е и игра која што нема крај.

Тоа што го прави „Животот е убав“ пријатен за гледање е драмската иронија дека ние како гледачи знаме повеќе од ликовите во филмот и однапред знаеме за нивната судбина. Тоа што го прави оптимистичен филм е славењето на непоразливоста на човекот дури и во најтешките услови. Но ние не живееме во филм, и расплетот за нашите дигитални логори останува сами да го напишеме.

Политизирање на автентичното

Tags: 

Дали хипстерот е дистанциран од политичкото во Македонија. Обид за дебата.

До сега во неколку наврати на блог сум потсетил на филмот „Јасна и присутна опасност“ за да направам поента дека припишаната припадност кон некоја политичка партија не мора да биде пресудно лоша за некоја активистичка активност:

Има што да се учи од холивудските филмови: Во „Јасна и присутна опасност“, Џек Рајан го советува американскиот претседател да не негира дека бил пријател со убиениот соработник на картелот во Колумбија. „Кога новинарите ќе прашаат дали сте биле пријатели“, вели Рајан, „речете им: не, бевме добри пријатели. Така ќе нема што да прашуваат“.

Овој пример сум го користел за фокусирање на дебата во врска со активностите на „Слободен индекс“, движењето против полициската бруталност и можеби и некои други работи. И сѐ уште ми се чини како убедлив аргумент. Во врска со последното на пример, кога ќе ви речат дека на пример ве поддржуваа таа и таа партија, можете да речете — да нѐ поддржуваат сите. Затоа што сите партии се против полициска бруталност.

Но, скоро се потсетив на книгата „Светото и профаното: Истражување на хипстерите“од Џејк Кинзи за која пред една година за Bookbox пишував краток осврт. Наеднаш помислив дека „аргументот на Рајан“ сепак можеби претставува превисока апстракција, т.е. дека тој модел со многу тешкотии може да се применува. Пасусот на кој што се присетив е:

Од боемите и дадаистите и авангардата од Европа, преку битниците и хипиците од Америка, па панкерите и хип-хоперите, авторот ја дискутира секоја контра-култура од нејзиното раѓање до нејзиното преминување во мејнстрим или пропаѓање. Во центарот на овие случувања е капитализмот и неговата способност да се адаптира и да се шири. Комодификацијата на културата и уметноста е најдобар пример за овие негови способности. Во една реченица „капитализмот го конзумира бунтот и плука конформизам заедно со профит, како тоа да е најпростата работа на светот“

Последната реченица ме натера да размислам што се случува во опкружување во кое капитализмот, оној домашниот, нема способност за ваква комодификација? Во Македонија нема технолошка или конфекциска компанија што може да го ожнее револтот и да направи профит од неговата подоцнежна продажба. Но, во Македонија има политички партии.

Сега „Аргументот на Рајан“ го прошируваме со „аргументот на Кинзи“. Заедно гласат:

Додека партиите го конзумираат бунтот и плукаат конформизам заедно со гласови. Бунтот може да се заштити од нив преку прифаќање на нивната сеопфатност, но притоа останувајќи фокусиран на својата активност.

Иако ова може да звучи како (некаква?) корисна дефиниција, сепак јасно е дека нејзино применување е премногу сложена или тешка работа. Да се вратиме кратко на Кинзи. Неговата поента е дека хипстерите се свесни за тоа дека капитализмот е таков успешен комодификатор. Нивната доминантна карактеристика, нивната автентичност, лесно може да биде комодифицирана. Затоа тие сакаат да го избегнат тоа. Иронијата и дистанцирањето се методите со кои тоа тие го постигнуваат.

Што значи тоа во домашни услови? Дали дистанцирањето и иронијата функционираат? Дали „ние не сме хипстери“ во САД има исто значење „ние не сме политички ангажирани“ (или слоганот од протестите против полициска бруталност „ние не сме партија“) во Македонија? Просто, дали хипстерите во Македонија се плашат да бидат политизирани, како што хипстерите во САД се плашат да бидат комодифицирани?

Не можам да набројам кои сѐ активности во земјава се повикале на „не-политичкото“, но ми се чини дека нивниот број е голем. Да се остане по страна. Кинзи вели дека хипстерската контра-култура е циничен обид да се донесе нешто ново и е неуспешен. Во контекст на окупацијата од страна на политичките партии со „Прво како трагедија, а потоа како фарса“ може да се гледа на „прво СКМ, а потоа СДСМ-ДПМНЕ“. Не верувам дека и кај нас дистанцирањето и иронијата може да донесе нешто ново. Подобро да почнеме да бараме други решенија. Можеби, посилно инсистирање на аргументот на Рајан, а помалку страв од аргументот на Кинзи. Можеби нешто друго. Во секој случај инсистирањето на тоа дека „не сме политички“ веројатно не води никаде.

Привилегии за почетници

Tags: 

Дали привилегијта е пацифицирана дискриминација?

Википедија има концизно објаснување за тоа што е привилегија. За потребите на оваа пишуванка ќе ја одберам етимологијата од латински што во директен превод значи приватен закон. Доволно е да се знае дека привилегии — приватни закони постоеле, а нивната широка употреба завршила со Француската револуција која го родила моделот за денешните републики. Денес сѐ уште постојат некои привилегии, како исклучоци кои државата ги дава со закон во определени случаи, како што се доверливите односи помеѓу клиентот и адвокатот или пациентот и докторот.Патем, привилегии не треба да се мешаат со права, бидејќи последниве се неотповикливи.

Понатаму привилегија се користи за да се опишува и општествена нееднаквост, и тоа посебно во објаснување на предностите што определена група ги има во општеството или непредностите што ги има некоја друга група.Во оваа друга смисла на зборот привелегијата се разликува од предрасудата и дискриминацијата кои за разлика од неа се отворени и доминантата група не го крие угнетувањето што им го прави на другите.

Наједноставно, и за ова исто така има Википедиски напис, теориите за привилегија предлагаат дека привилегираната група ги гледа своите општествени, културни и економски искуства како норма која секој треба да ја доживува-живее, а не како позиција на предност која што мора да се одржува на товар на другите.

Со овој лабав теоретски осврт на ум, колку примери на државно одобрена привилегија и таква од доминантни норми можеме да препознаеме во Македонија? Што сѐ можеме да врамиме на ваков начин?

Првото нешто што ми паѓа на ум е ЈСП. Бесплатниот превоз во ЈСП за пензионерите е привилегија што ја дава градот. Но, кога во автобусот му станувате на постар човек, тогаш тоа го правите затоа што нормата налага така. Од гледна точка на човекот кому се отстапува местото нормално е некој да му стана, но вие трпите поради тоа (со тоа што стоите). Но, примерот со ЈСП не завршува тука. Комотното возење во автобус се смета за норма од страна на голем број патници, Така, токму поради привилегијата што ја дава градот, некој друг ја губи неговата. Комотното возење всушност е условено од исклучување на група граѓани, кое пак исклучување е и економско и општествено.

Но доволно со ЈСП. Можеби најзгоден за објаснување на привилегијата што ја очекува и често ужива хетеросексуалниот маж е стрипчето на XKCD.

Нормата, она што групата очекува, е некој да направи сендвич. Кога нормата е доведена во прашање, доминантната група посегнува по повисок авторитет — најчесто закон (за оние кои што не знаат, во цртежот sudo е командата која што во GNU/Linux дава моќ на бог на компјутерот). Ова е нешто за што може да размислуваме во комуникацијата со нашиот „значаен друг“.

Што уште? Ми се чини дека социо-економските привилегии се најмалку очигледни. Мислам на ова кога темата е спортување. Во Скопје станува сѐ потешко да се спортува на јавен простор. Ако плаќаш да спортуваш тогаш привилегијата е од економска природа. И таа всушност ги заострува разликите и општеството станува понеправедно. Со приватизирани спортски игралишта, сиромашните на својот товар ги добиваат и негативните ефекти по здравјето. Мислам дека можеме да најдеме повеќе вакви примери.

Последно, прашањето за бракот ми се чини дека исто така е прашање привилегија.

Нешто да се размислува во деновите што следат.

Страници